Уредничките и печатницата на првиот македонски женски весник „Македонка“ – орган на АФЖ

Насловната страна на вториот број на „Македонка“. Извор: Младеновска, Ирена, Валентина Стаменковиќ и Мире Младеновски, Од домаќинка до државник. Родови перспективи во историјата (Скопје: АНИМ; ФорумЗФД, 2020), 7.

Весникот „Македонка“ бил орган на АФЖ – Македонија и прва печатена публикација уредувана од жени и посветена на проблемите на жените во Македонија, за време на Втората светска војна и по создавањето на државата.

Главна уредничка на весникот била активистката и политичарка Веселинка Малинска, останати соработнички во создавањето и уредувањето на првите броеви биле комунистките и учеснички во Народноослободителната борба Нада Богданова, Ленче Иванова и Нада Ачкова, а илустратор бил Василие Поповиќ-Цицо.

Содржините во првите броеви на весникот „Македонка“ се силно инспирирани и контекстуализирани од војната и од учеството на жените во неа како партизанки. Најчести теми се активностите и искуствата на жените партизанки, но и на жените кои индиректно учествувале во отпорот, во заднината на фронтот; се јавувале и статии посветени на мајки кои изгубиле деца и членови на семејството во војната. Весникот служи како информатор за политичките настани, собири и манифестации од цела Југославија, но и како мотиватор за еманципација и вклучување на жените во разни образовни и практични курсеви. Многу од содржините повикувале на етничка сплотеност помеѓу жените од сите етничности во Македонија и прикажување на нивната соработка.

Првиот број излегол во ноември 1944 година и весникот се издавал под истото име „Македонка“ до 1953 година, кога списанието е преименувано во „Просветена жена“ (главна уредничка: Лилјана Манева). Во 1990 година списанието продолжува да се издава под името „Жена“ (главна уредничка: Татјана Копачева); од 1997 до 2005 година продолжува со печатењето под името „Жена нова“ (главна уредничка: Лилјана Дирјан) и од 2005 година кусо време излегува под името „Згодна“.

Денес архивските примероци на весникот „Македонка“ преставуваат вистинско богатство бидејќи содржат записи на усни сведоштва од жени и женски искуства коишто се за првпат родово и политички димензионирани, како и бројни фотографии и илустрации. Броевите на „Македонка“ денес се складирани во одделението за ретка периодика во НУБ „Св. Климент Охридски“ Скопје и досега не се дигитализирани, поради што не се достапни за пошироката јавност. Всушност, може да се каже дека се речиси заборавени, со што се заборавени и историските искуства на жените од воената и повоената генерација, како и политичкото профилирање и канонизирање на жените кои учествувале во државната изградба.

Со следењето на развојот и промените што ги доживеала оваа публикација, ние всушност можеме да ги следиме промените во дискурсот на сеќавање за улогата на жената од социјализмот, до транзицијата во 90-тите и промените кон сфаќањето на еманципацијата и новите форми на медиумите за жени во Македонија.

Илегална партизанска печатница „Гоце Делчев“, село Горно Врановци, Велешко. Извор: m.makpress. mk

Илегална партизанска печатница „Гоце Делчев“, с. Горно Врановци, Велешко

Зградата во која била сместена печатницата во социјалистичка Македонија била претворена во спомен-куќа со мала музејска изложба, но денес овој објект се наоѓа во распаѓање. Селото се наоѓа во областа Гроот, во источниот дел од територијата на Општина Чашка, на околу 8 км јужно од општинскиот центар Чашка, сместено во средното сливно подрачје на реката Бабуна, недалеку од нејзината десна страна. Селото е оддалечено 21 км од градот Велес. Во селото има неколку спомен-куќи: Главниот штаб на НОБ, Зградата на партизанската болница и Зградата на Президиумот на НОВ, поради што порано селото имало важност на културно наследство. До селото води земјен пат во должина од 3 км, којшто се двои од регионалниот пат Велес – Извор. Пристапно со теренско возило; со воз Битола – Скопје (станица Чашка); или пешки од селото. Непристапно за лица со физичка попреченост.