Билјана Гарванлиева

Портрет на Билјана Гарванлиева. Фотографија од Самир Љума, отстапено од авторот

Билјана Гарванлиева е македонска режисерка, сценаристка и драматург, со долгогодишно искуство на европската документаристичка сцена.

По студиите по драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во 1999 добила стипендија од германската влада за студии по театрологија и филмологија на Freie Universität во Берлин, по што живеела и работела како самостојна авторка и режисерка во Берлин. Во нејзината филмографија се вбројуваат документарните филмови: „Девојчето што свири на хармоника“ (2006); „Девојчето што бере тутун“ (2009); „Шивачките” (2010); „После дождот (Сведоштва за климатските промени)“ (2013) и „Тетовски самрак“ (2019, објавен постхумно, од страна на нејзиниот сопруг Мануел Цимер). Првите два филма биле реализирани за германска државна телевизија, а за нив се стекнала со значајната германска филмска награда „Златна Лола“. За филмот „Шивачките“ ја добила наградата од областа на претставувањето на жената во медиумите „Јулијане Бартел“ за најдобар германски документарен филм во 2010. Со истиот филм ја освоила и наградата „Срцето на Сараево“ за најдобар документарен филм на 16. Филмски фестивал во Сараево.

Бидејќи Билјана Гарванлиева потекнувала од Струмица, град од источниот дел на Македонија, во нејзината филмографија превладуваат описите на економскиот и социјалниот живот специфичен за овој регион. Од страна на блиски соработници и пријатели забележано е дека Билјана Гарванлиева, и покрај стеларните успеси во Европа и светот, никогаш не се чувствувала целосно добредојдена и афирмирана од страна на институциите за култура во родната држава, а често го споменувала проблемот со слабиот интерес на телевизиите за прикажување на документарните филмови што го обработуваат македонското секојдневие низ истанчен сензибилитет. Од друга страна, таа беше многу сакана од својата верна домашна публика.

По дијагностицирањето на хронична болест, таа продолжила да работи и да се спротивставува на болеста низ својот уникатен документаристички сензибилитет со којшто ги опфатила искушенијата на болното тело и на семејната љубов, помеѓу неа, сопругот и децата, во изложбата „Љубените – сеќавање на еден заеднички живот“. По долго боледување, починала на 10 септември 2016 година во Берлин на 43-годиншна возраст.


Билјана Гарванлиева често истакнувала дека за неа, како режисерка на документарни филмови, е најважно жената да се претстави достојно, како хероина на секојдневието и жена-борец. Тоа особено се истакнува токму во „Шивачките“, каде што е претставено работничкото секојдневие на македонските текстилни работнички, кои денес претставуваат истовремено „хероини на транзицијата“ и маргинализирана група со нарушени работнички права.

Текстилните работнички пристигнуваат на работа. Кадар од документарниот филм „Шивачките“ 2010 на
Билјана Гарванлиева. Извор: vimeo.com/54517757

Индустриската зона „Исток“ во Штип

Индустриската зона „Исток“ во Штип се наоѓа на 3 км од центарот на Штип. Тука се сместени приватните текстилни конфекции „Македонка“ и „Мавис“, каде што е сниман филмот „Шивачките“. Нема пристапност за лица со физичка попреченост.