Јулија Бојкова Божиновска

кафе-бар „Пабло“

Опис на локацијата: Барот е во приземје на станбена зграда на бул. „Октомвриска револуција“ бр. 8, достапен е со автомобил и со велосипед, а автобуските постојки за повеќе линии од јавниот превоз се на растојание од неколку стотини метри.

Опис: Јулија Бојкова Божиновска (1973 – 2004) е девојка од Tафталиџе која живеела и работела во Скопје во најдобрите и најлошите фази на двете последни управувања на оваа територија социјализмот и дерегулацијата по него. Таа студирала медицина и работела во „Алкалоид“, но ја паметиме како првата современа скопска диџејка и world wide traveling clubbing girl. Нејзината приказна, заедно со целата приказна за диско-културата и ноќниот клупски живот во Скопје во деведесеттите, e сѐ уште недоволно истражена и испишана.

Јулија или DJ Strawberry, со својот дух, расположение и волја за забава, придонела кон животот во Скопје повеќе од што би можела и самата да замисли. Со исклучително искуство од најактуелните андерграунд-журки по светските метрополи во тој момент, темни клубови и светли диџејски ѕвезди, култура во залет – таа формативно влијаела врз повеќе скопски диџеи, многумина од нив и денес актуелни. А поради нејзината нескротлива желба тие искуства да ги доживее и да ги сподели со својот круг на пријатели и пријателки во својот роден град се случува и првата журка во онаа форма во која и денес ни се познати забавите и ноќниот живот што ги консумираме. 

Јулија е и една од првите девојки со авторска емисија на независното и уникатно радио Канал 103, заедно со својата другарка и колешка Ана Бакалинова или DJ Ana Banana. Во овој период, освен журките, за првпат се емитуваат и радиоемисии во една од формите карактеристични за за клупската или диџејска култура, во кои публиката има можност да слушне цели диџеј-миксови во една емисија. Има повеќе луѓе од актуелната скопска диџејска сцена кои токму покрај Јулија, го прелистале својот прв примерок на DJ Mag, слушнале хаус-сингл на плоча за првпат или дознале за некој квалитетен нов диџеј. 

Додека во земјите од бивша Југославија се водеа војни и голем дел од младите беше регрутиран во крвава војна против своите доскорешни сограѓани, младите во Македонија имаа среќа да живеат во поблага транзиција, фискална и друга дерегулација, динамичен социјален, културен и ноќен живот, па дури и да успеат да создадат денс-сцена и култура која, несомнено, е една од ретките работи по коишто ова општество било синхронизирано со некои глобални феномени. Станува збор за ерата по „Второто лето на љубовта“ (Second Summer of Love), или популаризацијата на културата на рејвови, а подоцна и помали журки, букирање странски диџеи да настапуваат со локалните, викенд-консумирање дроги, поминување многу заедничко време и формирање социјални и емоционални релации, некои од нив и трајни. 

Така, името на Dj Strawberry се врзува не само за нејзините први диџејски настапи и „вртење музика на плочи“, туку воопшто за мотивацијата на некои локални диџеи, а подоцна и воспоставувањето на првите контакти со странски агенции, букери и диџеи, како и организацијата на првите поголеми, но и не толку големи андерграунд настани од овој жанр. Ова е време кога странските диџеи се букираат со писма, факсови и скапи телефонски разговори со странство, спонзорите (доколку ги има) држат низок профил и не се обидуваат по секоја цена да го комодифицираат настанот што го поддржуваат. Најголемиот дел од успехот на настанот е препуштен на заедницата која придонесува со плаќање карта и религиско присуство на секоја журка, конструктивно и пристојно однесување, дури и под влијание на супстанции. Оваа форма на постоење и функционирање денес е една од најактуелните теми во дискурсот којшто се труди да го врати гледањето на клупскиот живот од комерцијалниот домен во доменот на културата, меѓузависноста и заедништвото. 

Можеби наивно или поедноставно време, но дефинитивно време со помалку можности, информации и канали од денес, во кое Јулија е една од оние кои излегле од својата комфорна зона и го вложиле тоа што го имале – средства, знаење, вештини и контакти. Така, нејзината замисла за убаво дружење со избраниот социјален круг станува место за собирање на различните, маргиналните, радикалните, оние што повеќе сакаат да живеат во ноќта, флуидните, оние што сакаат да експериментираат – и постои како такво и ден-денешен во сите различни ќошиња на светот, па и во Скопје. 

Краткиот живот на Јулија е суштински дел од една голема општествена приказна и иако трагично завршен, тој раскажува една од ретките автентично ведри страни на животот во Скопје во 90-тите.

Избран цитат: Нејзината замисла за убаво дружење со избраниот социјален круг станува место за собирање на различните, маргиналните, радикалните, оние што повеќе сакаат да живеат во ноќта, флуидните, оние што сакаат да експериментираат – и постои како такво и ден-денешен во сите различни ќошиња на светот, па и во Скопје.

извори: лични архиви и разговори