Битола, Гимназија „Јосип Броз – Тито“, Бул. „1 Мај“ бр. 51
Краток опис: 3.2.1917 (Битола) – 26.1.2001 (Белград), македонска класичарка и историчарка, со особен и оригинален придонес во античката историографија.
Опис на локацијата: Гимназијата „Јосип Броз – Тито“, една од најстарите образовни институции во Македонија, денес сѐ уште претставува впечатливо архитектонско здание во центарот на градот, покрај реката Драгор. По главниот влез, во холот на зградата, на ѕидот од десната страна, може да се видат портретите на учениците кои подоцна станале општествено важни, меѓу кои е и Фанула Папазоглу. На локацијата може да се пристапи со возило, со велосипед или со користење на градски превоз. Пристапно за лица со физичка попреченост.
Рути: Градска Саат-кула, Широк сокак, Национален парк Пелистер, Музеј на Битола, антички локалитет Хераклеа Линкестис
Опис: Фанула Папазоглу е македонска научничка со влашко потекло, од областа на класичната филологија. Нејзиниот животен пат започнал во Битола, каде се родила на 3 февруари 1917 година. Средното образование го стекнала во битолската гимназија. Студиите ги завршила на Филозофскиот факултет во Белград, на Kатедрата за класична филологија со историја на стариот век и археологија. За време на Втората светска војна, како член на студентската комунистичка организација учествувала во Народноослободителното движење, поради што во периодот 1942-1943 година била затворена во логорот на Бањица. По Втората светска војна живеела во Белград, каде што изградила брилијантна научна кариера, истражувајќи ги областите на античката историја, нумизматиката и епиграфијата. Била препознаена и во Европа и избрана за почесен доктор на Сорбона. Во Македонија особено активно соработувала со списанието „Жива антика“ на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што уште од неговиот прв број (1951) објавувала важни истражувања за археологијата и античката историја на Македонија. Филозофскиот факултет во Скопје го одржува сеќавањето за дејноста на Фанула Папазоглу со преиздавање на нејзините трудови и нејзино портретирање на ѕидовите на училниците (во библиотеката на Институтот за историја) и на страниците на списанието „Жива антика“. Во битолската гимназија, каде што се образувала, денес стои нејзиниот портрет во холот, на влезот во гимназијата.
Избран цитат: За многумина од генерацијата на Фанула Папазоглу, гимназијата претставувала важно место за лична и политичка еманципација во време на политички превирања и ограничувања.
Извор: https://sr.wikipedia.org/wiki/%D0%A4%D0%B0%D0%BD%D1%83%D0%BB%D0%B0_%D0%9F%D0%B0%D0%BF%D0%B0%D0%B7%D0%BE%D0%B3%D0%BB%D1%83
https://sr.wikipedia.org/wiki/%D0%A4%D0%B0%D0%BD%D1%83%D0%BB%D0%B0_%D0%9F%D0%B0%D0%BF%D0%B0%D0%B7%D0%BE%D0%B3%D0%BB%D1%83#/media/%D0%94%D0%B0%D1%82%D0%BE%D1%82%D0%B5%D0%BA%D0%B0:Fanula_Papazoglu,_1942.jpg