Скопски Килимарски Работнички

Штрајкот на килимарските работнички во Скопје

Краток опис: Во периодот од 15 мај до 1 јуни 1940 година, неколку индустриски работнички од Скопје се организирале синдикално и извеле успешен штрајк за работнички права.

Локација: Скопје, споменик на УРС-овите синдикати, бул. „Кочо Рацин“

Опис на локацијата: Споменикот се наоѓа на локацијата каде што во периодот помеѓу двете светски војни биле сместени просториите на Обединетите работнички синдикати (URS) во Скопје. Денес споменикот од бел камен во апстрактен стил се наоѓа на локацијата позната како „Југодрво“. Се стигнува со возило, со градски превоз, со велосипед или пешки. Пристапно за лица со физичка попреченост.

Рути: Галерија „Мала станица“, Стара скопска чаршија, тврдина Кале, парк „Жена борец“

Опис: Килимарската работилница на Европидис Мистакидис стопанисувала и работела во Скопје во периодот пред Втората светска војна. Била сместена во руинирана зграда во економско-трговскиот комплекс „Мала станица“, поврзан со железничката пруга. Денес оваа локација, заедно со комплексот објекти, претрпела бројни промени, но постои галерија која го зачувала името „Мала станица“. Во четирите мали одделенија биле сместени разбоите на коишто килимарските работнички ткаеле персиски килими. Во приватната работилница биле вработени 80 претежно малолетни жени. Од нив околу 30 биле до 12-годишна возраст. На тие деца, според раскажувањето на работничката Денка Димова, сопственикот не им исплаќал плата, туку ги третирал како ученички на занает и секоја недела им исплаќал само по 2-3 динари како на „послушни ученици“. Понатаму во своето сведоштво, Денка Димова го опишува и грубиот однос на сопственикот кон работничките, пцостите и физичкото насилство, особено кон помладите работнички. Поради ваквите услови, работничките започнале и отворено да негодуваат. Подоцна тие стапиле во контакт со синдикалната организација во Скопје и заедно со предводниците на синдикатот, Цветан Димов и Орце Николов, ги составиле и ги доставиле барањата до сопственикот. Три од нив, Денка Димова, Трпа Арсова и Слободанка Николова-Колишева се вклучиле во Подружницата на текстилно-шивачките работници во Синдикатот за здружените работници во Србија, познат како УРС-ов синдикат, кратенка под која се крие називот Обединети работнички синдикати. Раководителите на синдикатот биле запознаени со условите во работилницата и било договорено да се стапи во акција. По нивна иницијатива бил доставен договор до Инспекцијата на трудот во Скопје, во којшто се барало:  зголемување на примањата за 60 %, работно време од осум часа, подобрување на хигиенските услови, запирање на физичкото насилство кон работничките, прекувремената работа да се плаќа со 50 % од редовната надница, признавање и слобода за организирање на работничките во УРС-овите синдикати и признавање на Денот на трудот – Први мај како слободен ден. Бидејќи сопственикот одбил да го прифати договорот, работничките стапиле на штрајк на 15 мај 1940 година. Од 80 вработени во работилницата, на штрајк излегле 75 работнички. Штрајкот траел 15 дена. Европидис за тоа време вработил нови работнички, но бидејќи килимарската работа била многу тешка и барала искуство и прецизност, морал да попушти пред штрајкот на работничките и го потпишал колективниот договор со нив. Овој успешен штрајк имал силно влијание врз работничкото организирање во Скопје и во наредниот период се јавиле штрајкови кај металските, мелничките и чевларските работници. 

Избран цитат: Работничките биле организирани од активистки на Сојузот на комунистичката младина на Југославија (СКОЈ) и на синдикалното движење во Скопје, Денка Димова, Васка Тодорова, Слободанка Николова, Трпа Арсова, Цена Смилева, Љубица Велкова и Лилјана Манева. Овие жени формирале група каде што ги споделувале своите проблеми и се самоорганизирале.

Фотографии:

*Не постои фотографија која сведочи директно за настанот или за работничките.

Фотографија од споменикот во Скопје:

Извор: https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/5/53/%D0%A1%D0%BF%D0%BE%D0%BC%D0%B5%D0%BD%D0%B8%D0%BA_%D0%BD%D0%B0_%D0%A3%D0%A0%D0%A1-%D0%BE%D0%B2%D0%B8%D1%82%D0%B5_%D1%81%D0%B8%D0%BD%D0%B4%D0%B8%D0%BA%D0%B0%D1%82%D0%B8_02.jpg 

 

Фотографии од работници и старата зграда на синдикатите во Скопје:

Извор: Боро Арсовски, Работничкото синдикално и комунистичко движење на текстилните и шивачките работници во Скопје 1908 – 1945, (Скопје: „Студентски збор“, 1981), 63–110 (во оваа книга се усните сведоштва на работничките). Сите фотографии користени овде се од наведената книга и тие не се достапни на друго место. Книгата е достапна во НУБ или во библиотеката на Сојузот на борци во Скопје (можеби имаат и повеќе извори)

 „Наша реч“, бр. 18 од 24 јуни 1940

 

(*Текстилната фабрика „Ароести“ (сопственик Арон Ароести) е во Битола (така се чита и на самата слика), не знам зошто авторот Боро Арсовски ја ставил во контекст на скопските шивачки работници/-чки)