Парк Жена борец

Центар на Скопје, помеѓу Градски трговски центар и Собрание на Република Северна Македонија

Краток опис: Паркот „Жена борец“ е изграден по земјотресот во Скопје во јули 1963 година, како меморијален простор за сеќавање на жените кои учествувале во НОВ и револуцијата. Паркот е замислен како зелена оаза во центарот на градот и место за одмор меѓу висококатниците, прометните улици и градската врева.

 

Локација: Центар на Скопје, помеѓу Градски трговски центар и Собрание на Република Северна Македонија

 

Адреса: Парк Жена борец, Скопје

 

Опис на локацијата: Паркот „Жена борец“ е лесно пристапен отворен и зелен простор, пристапен за лица со физичка попреченост. Паркот граничи со две главни сообраќајници, „11 Октомври“ и „Филип Втори Македонски“, а неговата местоположба е помеѓу Градскиот трговски центар, Собранието на Република Северна Македонија и Порта Македонија. 

 

Детален опис: Овој парк бил планиран и дизајниран во рамките на просторното планирање на градот Скопје по катастрофалниот земјотрес во јули 1963 година. Бидејќи во центарот на градот недостасувал простор со зеленило, овој парк бил замислен како зелена оаза во центарот на Скопје. Освен што претставувал секојдневно шеталиште во централното урбано подрачје, овој парк е и меморијален простор којшто го одбележува учеството на жените во Народноослободителната борба и револуцијата 1941 – 1945 година, во која загинале вкупно 306 жени. Официјално во НОБ учествувале 5752 жени, 141 жена се носителки на Партизанска споменица 1941 година, а 7 од нив се прогласени за Народни херои: Вера Ацева, Оливера Јоциќ, Елпида Караманди, Фана Кочовска-Цветковиќ, Мара Нацева, Естреја Овадија-Мара и Ибе Паликуќа. Во 2012 година, секцијата на жени борки во рамките на Градскиот одбор на Сојузот на борците во Скопје упатила барање до Град Скопје да се уреди просторот околу овој споменик и да се стави плоча со име и презиме на седумте жени Народни херои, но сѐ уште не е преземено ништо по однос на ова барање.  

 

Во паркот има уште еден споменик што го одбележува учеството на жените во НОБ, а тоа е споменикот посветен на Невена Георгиева-Дуња (25 јули 1925, Скопје – 16 декември 1942, Нежилово). Оваа девојка, со партизанско име Дуња, била членка на СКОЈ од 1941 година и била активна во разнесување информативни летоци и илегален материјал. Во 1942 година се приклучува кон велешкиот партизански одред и учествува во сите вооружени судири на одредот. Загинала од фашистички рафал по неколкучасовна борба кај село Папрадиште. Во наративите се опишува дека иако веќе мртва, Георгиева-Дуња била масакрирана и нејзината глава била јавно прикажувана низ велешките села за заплашување на населението.

 

Паркот „Жена борец“ се создавал во доцните 60-ти години, а во 1970 г., на 25-годишнината од прославувањето на Меѓународниот ден на жената во Југославија, на 8 Март комплетно и официјално се завршува изградбата со откривање на споменикот „Жена борец“ на скулпторот Боро Митриќески, скулптура во апстрактна форма изработена од бел мермер. Идејното решение за паркот е на Мира Халамбек Вензлер, експертка за хортикултура и пејзажна архитектка од Загреб, Хрватска, која ја добива првата награда на натпреварот за изградба на нов парк во центарот на Скопје. 

 

Опишувајќи го како предизвик проследен со ограничувања и специфичности, Халамбек Вензлер истакнува дека можностите за меморијална порака при обликувањето на зелените простори на градот се големи и креирањето меморијална содржина не се сведува само на следењето на скулптурално-архитектонскиот израз. Таа потенцира дека парковите во еден град може да бидат и автономен облик на креативното споменично обележје каде што за примарна задача и појдовна точка не се зема ликовниот израз, туку содржаен и оптимален облик на поврзување на меморијалните елементи со секојдневниот живот на градот. Токму тоа е содржано во оваа градска зелена оаза, паркот „Жена борец“. 

 

Во поглед на урбаниот јавен простор и архитектура, на Скопје му се случуваат две трауми. Eдната е земјотресот во 1963, а другата е проектот „Скопје 2014“, којшто започна во 2010 г. со мегаломански и маскулинистички подвиг на насилно градење историски и политички наратив во центарот на Скопје, преку којшто сериозно се измени изгледот и значењето на паркот „Жена борец“. Денес тој веќе постепено го губи првичното меморијално значење, дотолку повеќе што и самите граѓани на Скопје паркот го викаат „Жена-парк“, наместо парк „Жена борец“. 

 

Избран цитат: „Споменикот на Жената борец се изгуби во паркот на Жената борец“ 

или 

„Во рамките на проектот „Скопје 2014“, во Паркот на жената борец пред Градскиот трговски центар се поставени повеќе споменици. Тие го „засенија“ главниот споменик по којшто паркот го носи името. За нив се дадоа огромни средства, но никому не му текна да го заштити споменикот што ја чува нашата историја.“

 

Извори:

Halambek-Wenzler, Mira. 1975. „Mogućnost memorijalne poruke izražene kroz oblikovanje zelenih prostora grada“, Arhitektura: Časopis za arhitekturu, urbanizam i primjenjenu umjetnost, God 19, 55-58. https://katalog.kgz.hr/pagesResults/bibliografskiZapis.aspx?&currentPage=1&searchById=10&sort=0&age=0&spid0=10&spv0=Halambek-Wenzler%2c+Mira&mdid0=0&vzid0=0&xm0=1&selectedId=35009881&nbf=1  

 

Арсовски, Боро. 1981. „Работничкото синдикално и комунистичко движење на текстилните и шивачките работници во Скопје 1908-1945“. Архив на Скопје 

 

А.П. 2019. „Споменикот на Жената борец се изгуби во паркот на Жената борец“. Вечер, 23.08.2019. https://www.vecer.press/%D1%81%D0%BF%D0%BE%D0%BC%D0%B5%D0%BD%D0%B8%D0%BA%D0%BE%D1%82-%D0%BD%D0%B0-%D0%B6%D0%B5%D0%BD%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%B1%D0%BE%D1%80%D0%B5%D1%86-%D1%81%D0%B5-%D0%B8%D0%B7%D0%B3%D1%83%D0%B1%D0%B8-%D0%B2/ 

 

Извор на црно бела фотографија за споменикот http://www.monumental.mk/mk/%D1%81%D0%BF%D0%BE%D0%BC%D0%B5%D0%BD%D0%B8%D0%BA-%D0%BD%D0%B0-%D0%B6%D0%B5%D0%BD%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%B1%D0%BE%D1%80%D0%B5%D1%86-%D0%B6%D0%B5%D0%BD%D0%B0-%D0%BF%D0%B0%D1%80%D0%BA/