Оливера Јоциќ-Вера

Семејната заднина на Вера Јоциќ е дел од мозаикот приказни што сведочат за бурните идеолошки и политички времиња на Балканот во периодот помеѓу двете светски војни. Татко ѝ, Младен Јоциќ, потекнувал од Нови Сад во Србија, а се доселил во селото Хасанбегово/Сингелиќ, близу Скопје, по Балканските војни, во време на повлекувањето на турското население од територијата на Македонија. Мајка ѝ, Наталија Џерманиловиќ, била учителка во селото, и се залагала за поголемо вклучување на девојчињата во образованието. Во семејство кое не се плашело од промени, на 21 август 1923 година, се родила Вера. Таа била втората ќерка; првата била Видосава (Вида), а третата сестра била Радмила. Семејството посвоиле и едно сираче на кое Наталија му била учителка – Алија Авидовиќ. Врската помеѓу сестрите Вида и Вера била особено силна и уште повеќе се зацврстила во текот на нивното образование. Вида, како најстара, се школувала во Белград и од таму носела информации за тековите на различните младински движења во Кралство Југославија. Вера особено се интересирала за книгите кои Вида ги носела од Белград, а своето образование во родното место го започнала како првото и единствено девојче во класот. Кога светската економска криза од меѓувоениот период започнала да се чувствува и во нивниот крај, сите женски членови на семејството Јоциќ се преселиле во стан во Скопје бидејќи морале да ја продадат семејната куќа во Сингелиќ. Таткото Младен морал да работи како тутунски надничар, но поради тешката ситуација, тој набрзо починал. Како многу младинци затекнати во слична економска ситуација, и членовите на семејството Јоциќ започнале да се интересираат за револуционерните кружоци и политичките движења коишто барале политичка и економска промена. Братот Алија заминал во Белград, каде што како студент се занимавал со книжевност и се приклучил кон комунистичкото движење. Тој на Вера, како на љубителка на книги, ѝ испраќал и марксистичка литература, низ која Вера ја препознала својата политичка и активистичка факторизација. Во 1941 година Вера веќе членувала во илегалната комунистичка младина во Скопје. По бугарската окупација на вардарскиот дел од Македонија, остатокот од семејството Јоциќ се селело, прво во Ниш, па во Белград и најпосле во Ваљево. Вера се приклучила кон Ваљевскиот партизански одред, а сестрите Вида и Рада исто така се приклучиле во заднинската помош за герилците, зад фронтот. Во животот на Вера, периодот од 1942 до 1944 година бил бурен и исполнет со многу илегални акции, повеќе промени на местото на живеење; повторно селење во Ниш, каде што определено време работела како тутунска работничка со цел да ја организира и едуцира женската работничка младина во големиот Нишки монопол; учествувала во неколку воени акции, во различни партизански воени формации кои се наоѓале на просторот јужно од Србија. Од почетокот на 1944 година, споменатите партизански формации се спуштиле на потегот од Куманово до Осоговските Планини поради зголемената потреба од отпор против бугарската војска. На 20 мај 1944 година, во битка кај селото Страцин, Кумановско, Вера била повредена. Во наративите за неа, се задржале сведоштвата за нејзиното тридневно носење на импровизирана носилка до селото Саса, кај Македонска Каменица, каде што имало медицинска помош, но дотогаш Вера им подлегнала на повредите. Овој наратив длабоко се задржал во македонската современа поезија низ стиховите на поетот Ацо Шопов и песната „Очи“, посветена токму на Вера Јоциќ. По војната, Вера Јоциќ оставила светла траекторија и мрежа на врски со жени и мажи, соборци, кои ги сретнала на својот пат. Како последица на споменот за нејзината антифашистичка дејност, на 20 декември 1951 година била прогласена за Народен херој на Југославија. Во нејзина чест посветени се локални катчиња на повеќе места: спомен-биста во Скопје, спомен-парк и споменик во Македонска каменица, биста во Крива Паланка и споменик во Ниш. Неколку улици низ Македонија го носат нејзиното име, како и едно основно училиште во Скопје и едно културно-уметничко друштво во Крива Паланка. Во последната деценија, новите политики на сеќавањето и односот кон јавниот простор во Скопје поттикнале „култура на заборавање“, особено во однос на урбаните катчиња поврзани со историјата на жените. Во малиот парк во Скопје посветен на Вера Јоциќ се наоѓа нејзина биста, изработена од сестра ѝ, вајарката Вида Јоциќ. Бистата е посебна и значајна на повеќе начини: се разликува од повеќето споменици од овој период бидејќи, наместо милитаристичкиот реализам, има поетски сензибилитет низ којшто се исцртуваат линиите на сестринството. Површината на спомен-паркот во Скопје постепено беше намалувана како последица на новите градежни политики, насочени кон приватизација и намалување на јавниот простор.

Биста и парк посветен на Оливера Јоциќ-Вера. Фотографија на Илија Прокопиев, 2021.

Скопје, спомен-биста и парк посветен на Вера Јоциќ

во централното подрачје на Скопје, во Дебар Маало, сместен е мал парк посветен на Вера Јоциќ. Во паркот се наоѓа нејзината спомен-биста, чијашто авторка е вајарката Вида Јоциќ, сестрата на Вера. Паркот се наоѓа зад Владата на Република Северна Македонија, веднаш до Паркот на Франкофонијата. Местото локално е познато како „Кај Жабарот“, по старата гостилница што се наоѓа во близина. Пристапно пеш, со велосипед, со јавен градски превоз или автомобил. Пристапно за лица со физичка попреченост.