Олга Папеш

Олга Папеш, родена во Велес 1933 година, е дипломирана инженерка-архитектка, добитничка на наградата „Андреја Дамјанов“ за животно дело од областа на архитектурата и градителството во 2010 година. Живеела и работела до 2011 г. Нејзиниот широк опус, од проектирање до изведување на најзначајните објекти во Скопје при неговата обнова, особено со исклучителните проекти од областа на домувањето, ја вбројува меѓу најзначајните архитекти од дваесеттиот век.

Својот навидум вообичаен професионален пат Олга Папеш го збогатува со посебно чувствителен пристап и избегнување рутинско занимавање со струката. Следејќи го нејзиниот професионален развој, но и сите ангажмани надвор од професијата, а повторно длабоко вкоренети во архитектурата и нејзините општествени потенцијали, забележуваме поливалентност и мултидисциплинарност каква што е ретка денес, особено во профитабилно ориентираното проектирање и градење. До својот последен здив таа е не само архитектка-проектантка туку и, заедно со Мимоза Несторовска Томиќ, гласот на разумот и моралот на професијата, духот на критицизмот и преиспитувањето на одговорноста и потенцијалот на архитектурата, жена која својата професија ја има сфатено со сета нејзина величина, но и опасности.

Олга Папеш зад себе има оставено извонреден опус на креативно-техничка работа остварувајќи различни улоги како ахитектка. Таа дипломирала на Одделот за архитектура на Техничкиот факултет во 1960 г., посетувала мноштво пракси во и надвор од земјата, се занимавала со фотографија, а по дипломирањето, како стипендистка на ГП „Бетон“, се вработила во новоформираното проектантскo биро „Бетон“. Во ова биро, кое подоцна се трансформирало во Институт за студии и проектирање, ја завршила својата професионална кариера во 1990 година. Била вклучена во проектирањето на „Автотурист“, „Механика“, фабриката „Билјана“, учествувала во делови на проектите за Цементара и Железара. По катастрофалниот земјотрес во Скопје, била вклучена и во обновата и изградбата на градот. Учествувала во тимот за изработка на главниот проект на НУБ „Климент Охридски“, МБУЦ, главниот проект на Радио-Телевизија Скопје, како и на посебни телевизиски студија. При споменување на името на Олга Папеш, на ум најчесто паѓа проектот „Комплекс банки“; иако реализиран малку подоцна од планот за Скопје на Кензо Танге, бил во толкава согласност со локацијата, условите и програмските задачи за обнова на градот поставени тогаш што добил негово лично одобрување.

Папеш има големи достигнувања и во планирањето и проектирањето колективни и индивидуални објекти за домување, кои и денес се знаци за препознавање на Скопје, Струга, Охрид или Кичево. За квалитетот на овој нејзин конкретен труд, освен во мал број стручни публикации, дознаваме од разговори со генерациите скопјани кои израснале и живееле во овие станови, чии впечатоци и искуства од тој простор и денес одѕвонуваат и можат да бидат лекција за идните архитекти. Соодветното поставување на објектите во просторот како и во однос на просторот во којшто не се наоѓаат (врската со останатиот дел од градот), функционалната поделба и организација на просторот внатре во објектите – денес во маалата во кои се живее во нејзините згради стојат како вредности или барем параметри што инженерите сѐ помалку успеваат да ги исполнат. Сите објекти што ги проектирала Олга Папеш, или во чие проектирање и изградба учествувала, претставуваат трајно градителско и културно наследство на Македонија од 20 век.

Ликот и делото на Олга Папеш се важна страница во феминистичкото наследство на Северна Македонија поради две работи: прво, воведувањето феминистички (или барем женски) принцип на планирање на просторот за живеење и второ, нејзиниот придонес во јавниот и општествен дијалог за позицијата и задачата на архитектурата и планерството во земјата. Имено, освен со функционализам и умешност во примената на естетското како функционално (чиста геометрија, јасни комуникациски шеми), нејзиниот труд се идентификува со емпатично и интерсекционално раслоено гледање на просторот за живеење и предвидува повеќе простор за потребите во секојдневниот живот; остави, гардеробери, економски лоѓи реализирани по принципот школски издржана функционалност, еколошки и штедлив санитарен јазол, природно осветлена бања и проветрена и поврзана со кујната на истиот инсталациски ѕид.

Конечно, иако пензионирана уште во 1990 година, таа не престанува да го споделува своето знаење, но и својот мошне прецизен и остар став за местоположбата на архитектурата во новите општества што настанаа со распадот на СФРЈ и на специјализираните планерски институции. Таа неуморно се залагаше за плански норми, планови и институции за нивна примена, со цел правилно и праведно развивање на градот, наспроти клиентелистичкото, а во последниот дел од нејзиниот живот и националистичко нарушување на планерскиот и градителски процес преку проектот „Скопје 2014“.

Остана нереализирана, но исклучително важна и индикативна нејзината иницијатива за историско, формално, институционално дистанцирање на архитектите од она што му се случи на Скопје, како илустрација за размерот во којшто таа го гледа досегот на архитектурата – не само физички и просторен, туку општествен, историски и политички.

Скопје, плочникот во Тафталиџе помеѓу кулите кај кафе-бар „Ли“

Зградите се наоѓаат околу спомнатиот плочник, во непосредна близина на центарот на Скопје, достапно е со јавен превоз, пешки и со велосипед.