Мимоза Несторова-Томиќ

Мимоза Несторова-Томиќ е архитектка, урбанистка и планерка, родена во Струга 1929 година. Со маркантен успех уште како средношколка, Несторова-Томиќ низ сиот свој студентски, студиски и професионален век демонстрира професионализам, филозофски развој и беспрекорност во тоа што го работи. Учествувала во проектирањето, планирањето и визионирањето на многу посебни архитектонски обележја во Северна Македонија, но и на поголеми зафати за обнова, реконструкција и развој.

Мимоза Несторова-Томиќ е добитничка на наградата „13 ноември“ за проектот „Музеи на Македонија“ во 1977 година, на наградата  „Андреја Дамјанов“ за животно дело од областа на архитектурата и градителството во 2011 година, како и на признанието „Опера омниа“ од Share Architects во 2019 година. Со сиот свој професионален, но и доброволен дискурзивен придонес кон архитектурата, урбанизмот, но и кон урбаната социологија, фолозофските правци што се занимаваат со улогата на архитектурата, естетиката – таа претставува бесценето живо наследство на земјава, сега, како и во контекст на поранешната СФРЈ.

Извонредниот опус на Несторова-Томиќ е главно во доменот на јавните општествени објекти, јавните или полујавните институции, места што не се само физички простори, туку во коишто се одвива целиот живот на луѓето надвор од дома и од маалото. Музеи, стоковни куќи, државни институции, поголеми урбанистички целини, па дури и Мастер-планот на Кензо Танге се полињата во коишто Несторова-Томиќ придонела со својот професионален труд. Во нејзините трудови спаѓаат: станбениот блок на ул. „Алберт Ајнштајн“ во Скопје, проектот за реконструкција на Сули-ан, комплексот занаетчиски дуќани во чаршијата, проектот за ревитализација на комплексот Чифте-амам којшто не е реализиран, угостителскиот објект „Менада“, проектот за архитектура и ентериер на стоковната куќа „Скопјанка“ (Беко) во Скопје, Музеите на Македонија во Скопје (со арх. К. Муратовски), ентериерот на одделите за етнологија и археологија во Музеите на Македонија, станбениот комплекс на ЈНА во Капиштец, проектот за реконструкција, адаптација и акустична интервенција на Универзалната сала во Скопје.

Денес таа претставува една од последните живи архитекти од нејзината генерација инженери, која неуморно ја проширува и ја споделува својата експертиза и разбирање за потребите на животот во градот. Таа се залага за ширење на хоризонтите на архитектите преку изучување филозофија, социологија, антропологија, но и почитување строги и прецизни мерки, протоколи и институции, како што е, на пример, Градскиот завод за урбанизам – институција каква што денес немаме, а чија директорка четири години во минатото била и самата таа. Затоа, во интервјуата што ги дава, таа сведочи за своите омилени искуства во мешаните работни тимови на Заводот за урбанизам при обновата на Скопје по земјотресот, особено во социолошко-урбанистичкиот тим, каде што се работело врз проблематика поврзана со домување, сообраќај, поврзување, зеленило и други аспекти на просторното планирање коишто мора системски и научно да се анализираат.

Вредноста на Мимоза Несторова-Томиќ за македонското културно наследство е поливалентна. Прво, таа е една од ретките жени во традиционално конзервативно општество во трансформација, во машки доминирана професија (на пример: во 1971 година само 10 % од раководните позиции во архитектурата и урбанизмот ги извршувале жени), кои успеале не само да се најдат во подобра положба во големата слика, туку и да придонесат со она што се бара, да го споделат, да наградат и да наметнат вредност. Токму затоа и беше поканета лично да присуствува на изложбата „Кон бетонската утопија: архитектурата во Југославија 1948 – 1980“ во Музејот на модерна уметност во Њујорк во 2018 година, во која свое проминентно место меѓу материјалите од Северна Македонија има и планската документација и макетите од Музеи на Македонија. Понатаму, бесценет е нејзиниот постојан порив да зборува, да прашува, да критикува ако е потребно, особено во историски кризни ситуации, како онаа при насилната изградба на проектот „Скопје 2014“. Оваа карактеристика на професионално и филозофски аргументиран пркос е особено ретка, а и неблагодарна во време на проектанти кои проектираат по „1 ха за 1 евро“, архитекти кои просторот го гледаат само како комодитет што може да генерира заработка и вишок.

Конечно, освен што е една од најуспешните, таа е и една од најобесправените архитекти во историјата на Северна Македонија, придружувајќи им се на Константиновски, Муличковски, Брезоски, Поповски и други архитекти, чии дела не само што не беа заштитени туку беа и видоизменети или уништени со зафатите од „Скопје 2014“. За да биде неправдата поголема, нејзините најмаркантни објекти беа уништени во периодот кога несомнено требаше да се запре уништувањето на архитектонското наследство, па така денес сме без оригиналниот објект „Менада“, како и без стоковната куќа „Скопјанка“ (Беко), кои станаа жртви на политичката корумпираност и слабост пред налетот и комодификацијата на приватниот капитал. Освен тоа, незавидна е состојбата во која со децении се наоѓаат и Музеите на Македонија („Скопје 2014“ ги докрајчи), сведоци сме на комплетно несовесно наддавање со идеи за бесмислени реконструкции на Чаршијата додека таа пропаѓа, а градскиот Завод за урбанизам не само што не постои како институција туку и целата негова документација и архива се уништи во пожарот во којшто изгореа бараките каде што се чуваа – и сето тоа пред очите и здравиот разум на Несторова-Томиќ.

За среќа, таа и денес наоѓа време и снага да биде присутна со своите ставови и мислења кои доаѓаат од четиридецениското искуство и работата на обновата и Генералниот урбанистички план на Скопје, кога биле потребни визионерство, интердисциплинарност, но и практично разбирање на општествата и како урбанизмот и архитектурата ги уредуваат. Во 21 век, речиси и да не постојат урбанистички/архитектонски катедри на високообразовните институции што не вклучуваат интердисциплинарно студирање на овие области во комбинација со културолошки урбанизам, социологија на урбанизмот, воопшто социологија, филозофија, организациски науки, екологија и други.

Тоа се и централните вредности на ликот и делото на феминистичката икона, архитектката која кон средината на 60-тите години од етички причини го има сменето работното место кое во тој момент го делела со својот брачен партнер, Мимоза Несторова-Томиќ.

Музеи на Македонија, Стара скопска чаршија

Комплексот е на северната страна од чаршијата и најлесно пристапен пешки. Не е многу практично за јавен превоз или автомобил, а пристапно е и со велосипед.