Мара Нацева Миланова-Анка

Партизанката Мара Нацева е родена во Куманово на 28 септември 1920 година. Во родниот град работела како текстилна работничка. На 16 години се приклучила кон СКОЈ и така учествувала во активностите на работничкото движење. Во тој период во 1936 година, текстилните работници организирале штрајкови за подобрување на условите за работа и Мара Нацева всушност го организирала штрајкот на работничките во текстилната работилница „Шуменовиќ“ во Куманово. Оваа пожртвуваност за правда резултирала со нејзино отпуштање од фабриката, но таа уште поинтензивно се активирала во активностите на УРС-овите синдикати и СКОЈ. По ова, во 1939 година, таа станала членка на КПЈ и се преселила во Ниш, каде што се вработила во текстилната индустрија. Таму се активирала во синдикалното движење и во културно-уметничкото друштво „Коста Абрашевиќ“. Следната година била избрана за членка на Месниот комитет и на Окружниот комитет на КПЈ во Ниш. Додека престојувала во овој град, двапати била уапсена во истражниот затвор поради нејзината активност. Во изворите е истакнато нејзиното „храбро држење“ во затворот, па поради тоа, по излегувањето на слобода, била избрана за секретар на МК на КПЈ – Ниш. Била српска делегатка на Петтата земска конференција во Загреб.

Откако се вратила во родното Куманово во 1941 година, избрана е за членка на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија и дејствувала илегално – затоа често го менувала името и местото на живеење. Во 1942 активно дејствува во Велес, каде што дошла да изврши ревизија на партиската организација. Летото 1942 година дошла до Скопје на велосипед, заедно со нејзин другар, избегнувајќи го железничкиот превоз. По нејзиното апсење во Скопје, таа е интернирана во концентрациониот логор за жени „Свети Николе“ кај Асеновград, Бугарија. Работела на ризични активности како одржување состаноци со партиските организации и раководства, организирање вооружено востание. Нејзиното партизанско име е Анка, но често го менувала, па затоа во еден од документите – обвинителен акт на Скопскиот воен суд од 1943 година, е наведена како Мара Кирова Андреева, сопруга на Киро Андреев-Фетак – активен комунистички функционер во Кумановско. Во истиот овој документ е наведено дека таа пројавила „забележителна, за женската природа, доследност во комунистичките погледи“ – интересна формулација што ни кажува за перцепцијата на жените активни во револуционерното движење. Додека била во овој логор, на 19 март 1943 е избрана за членка на Централниот комитет на КПМ. Документите сведочат бројни обиди за нејзино ослободување од страна на сопартијците – што ни кажува дека таа имала навистина значајна улога во движењето. 

Конечно, кон крајот на 1943 година ја пуштаат на слобода од овој логор, каде што поминала година и неколку месеци. Во овој период таа сѐ уште е со функција во КПМ и продолжува да биде активна во движењето. Избрана е за делегат на АВНОЈ и АСНОМ и по ослободувањето е многу активна на политичката сцена во Југославија, каде што вршела високи политички функции. Прогласена е за Народен херој на 29 ноември 1953 година. За неа не може да се најдат повеќе информации за тоа каква била точно нејзината заложба во политиката на Југославија подоцна, ниту пак какви биле нејзините политички интереси или интимниот живот. Како и за другите жени кои ја преживеале војната, ни за неа не е напишана онаа романизирана биографија за животот и делото. Во обид да дознае повеќе информации за нејзиниот живот, еден новинар остварува телефонски повик со неа, при што таа одговара дека не е заинтересирана да зборува за случувањата поврзани со НОБ и дека повеќе од 20 години нема никаков контакт со борците од НОБ. Она што се знае е дека подоцна се преселува во Белград, каде што склучува брак со генералот и револуционер Саво Дрљевиќ, со кого немале деца. Во длабоката старост, во осмата деценија од животот, се враќа во Куманово. Умира на 1 јули 2013 – последна од сите седум жени од Македонија кои биле прогласени за Народни херои. Нејзиното почивалиште е во Куманово и затоа, како место кое ја одбележува вклученоста на жените во Револуцијата, го одбираме споменикот „Mакедонка, споменик на Револуцијата“ на плоштадот „Маршал Тито“ во Куманово.

Куманово, плоштад „Маршал Тито“

„Mакедонка, споменик на Револуцијата“, плоштад „Маршал Тито“, улица „Маршал Тито“ и улица „Моша Пијаде“, на зелената површина пред НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“