Лила Милиќ е родена 1984 година во Скопје. Од 2009 год. активно работи врз подигнување на свеста кај општата популација за сексуалната работа и сексуалните работнички/ци во Северна Македонија, а подоцна и врз системско решавање на потребите и проблемите на трансродовите лица во земјата. Во 2019 година, на нејзина иницијатива, се одбележа Меѓународниот ден на видливоста на трансродовите лица во РСМ со Маршот на видливоста. Таа е една од најпроминентните активистки за правата на трансродовите лица и на сексуалните работнички и работници.
И самата трансродова жена, заедно со уште неколку пријателки и соборци, таа ја основа „Трансформа“ – иницијатива за заштита и унапредување на трансродовите лица во Република Северна Македонија, денес веќе препознатливо здружение во цивилното општество. Лила исклучително храбро и самоуверено ги урива стереотипите и предрасудите за овие лица, а преку здружението се застапува за правно признавање на родот, за еднаков пристап до права, правда и услуги како и еднакви можности за трансродовите лица.
Милиќ поставува преседан во македонското општество кое сѐ уште во голема мера е конзервативно и патријархално. Таа со својата биографија, физичка присутност и подготвеност јавно да зборува за личните проблеми и политики, како и за потребите од системска трансформација, ја претставува новата ера на борба за посебните човекови права во Северна Македонија. Во последниве години, таа е една од првите и ретките транс-жени кои јавно и во медиуми зборуваат за своето детство, родово осознавање и идентификација, за искуствата за време на основното и средното образование и начините на коишто си помогнала и стигнала таму каде што е денес.
Покрај тоа што е често медиумски присутна и на располагање на новинарите за најтешките прашања, секојпат кога ќе искуси или ќе детектира системска неправда, таа поднесува претставки до јавните надлежни институции, а ова свое знаење, вештини и иницијативност, постојано ги пренесува на помладите членови на заедницата во Скопје и надвор од него. Конечно, и самата поранешна сексуална работничка, Лила е вистинска сојузничка и на оваа група маргинализирани жени, мажи и трансродови лица. Токму затоа, не смеат да бидат занемарени нејзините активизам и професионален ангажман на темите што ги засегаат овие луѓе, особено во време на пандемија.
Мудроста на Лила Милиќ се состои во тоа што со клучните, осетливи теми и прашања не се занимава само активистички, стратешки и во рамките на својата професионална средина, туку и преку учество во уметнички настани, перформанси, радио емисии и други авторско-изведувачки колективни и индивидуални форми на отворање и дискутирање прашања. За почеток, се издвојува нејзиното учество во првата изложба на фотографии од трансродови девојки од Скопје, „Некои девојки“, на фотографката Лепа Георгиевска. Следната година, заедно со повеќе трансродови лица од Северна Македонија, позира и за интернационалната изложба на фотографии од трансродови лица од Балканот „Trans Balkan“, на истакнатиот Александар Црногорац. Таа е првата трансродова жена – моделка која учествувала на модна ревија, и тоа за време на Модниот викенд во Скопје во 2018 година. Таа чекореше на пистата во парчиња облека на креаторката Ирина Тошева, чија замисла беше колекцијата од сезоната есен-зима 2018/2019 да ја претстават повеќе атипични, поинакви жени. Во 2019 година учествува и на гала-вечерта на „Пич Прич“, настан што ја промовира женската усна историја, нормализирајќи ги женските искуства и преземајќи го јавниот простор. Истата зима, заедно со уште дузина истакнати девојки и жени, се појавува во официјалниот видеоспот на песната „Proud“ на Тамара Тодевска, македонската претставничка на Изборот за песна на Евровизија 2019. Се истакнува нејзиното учество во организациските тимови на Маршот на видливоста, Skopje Pride 2019, Skopje Red Light District 2017 и 2020 г.
„Крузинг“ реонот околу МРТВ и МКЦ
Зелените површини и темните улици помеѓу МРТВ и МКЦ и кон Кејот на Вардар кон југ, во центарот на Скопје, достапно со велосипед и пешки, а во близина има и јавен превоз