Крушевските курирки од Македонската револуционерна организација (МРО)

Крушево, „Македониум“, ул. „Никола Карев“ бр. 62

Краток опис: Во периодот помеѓу 1902 и 1903 година, непосредно пред Илинденското востание во османлиска Македонија, улогата на жените во народното движење и алтернативните форми на отпор имала важно логистичко значење, особено во курирската служба.

Опис на локацијата: Споменикот „Илинден“ или „Македониум“, дело на скулпторите Искра и Јордан Грабул, е еден од највпечатливите македонски споменици, изграден во модернистички стил. „Македониум“ е дел од голем споменички комплекс, сместен над пределот Гумење, посветен на Илинденското востание (1903). Во близина на споменикот се наоѓа и Музејот на Народноослободителната војна и Историскиот музеј на Крушево. На локацијата се стигнува со возило или со велосипед, а до споменикот пешки. Постојат и повеќе можности за организирани тури. 

Рути: Ски-центар Крушево, центар на Крушево, Битола, Охрид    

Опис: Курирската служба во МРО била една од најважните и најризичните, а особено била активна во периодот пред Илинденското востание во Македонија во 1903 година. Се ползувал трудот не само на мажите, туку и на жените и децата, поради различното третирање на нивната мобилност од страна на властите. Жените особено биле прочуени во оваа невообичаена форма на отпор и активизам. Имало курир(к)и и во селата и во градовите. Широката конспиративна дејност што била развиена во Крушево, центарот на Илинденското востание, била можна благодарение на улога на жените од Крушево и од околните села во македонското револуционерно движење. Секој активист кој бил вклучен во револуционерното движење бил должен неговата куќа секогаш да биде отворена за илегалните членови, оружјето, материјалите и др. Во Крушево се случувало подолг период во некоја од куќите да престојува нелегална чета на Организацијата, а сето тоа не можело да се реализира без активно учество на жените. Во изворите за крушевските курирки особено место заземаат наративите за тандемот Јованица (Таска Иванова Џивџановска) и Магденица (Мара Магдева). Според описите на писателот и револуционер Никола Киров Мајски, Јованица поседувала лидерски способности и го организирала животот во своето село Долно Дивјаци, кога тоа останало без мажи поради востанието. Кога во селото влегла турска војска, го убедила офицерот да не го запали селото. Дејноста на овие жени вклучени во илегални и диверзантски активности придонела за формирање и профилирање нови форми на народен отпор, каде што жените играле важна улога.

Избран цитат: Жените како Коца Костова Негревска, баба Калија Т. Ќуќуровска, Цофка Пецановска, Пара Матева, Таска Иванова Џивџановска и Мара Магдева во изворите и печатот биле претставувани како „бестрашни курирки“, а Пара Матева, поради големата логистичка способност, била наречена „мајка на комитите“.

Извор: Никола Киров Мајски, „Крушовските кориери – светци“, Илустрација Илинден 3, бр. 53, 1933 – 1934: 5–8, 6 (го имам списанието во пдф формат, и исто така, е достапно на страницата http://www.dlib.mk/discover