Иницијатива за именување на мостот „Роса Плавева и Накие Бајрам“

Уметницата Христина Иваноска во својата истражувачка работа има за цел да го адресира проблемот на отсуството на жените од архивите, недостигот од културна меморија поврзана со нив, нивната ретка застапеност во урбаните топоними и најважно, отсуството на женското културно-историско наследство, но и не само тоа. Таа, преку својата иницијатива за именување на новоизградениот мост со имињата на двете сограѓанки, соборки за еманципација и унапредување на работничките и на женските права – Роса Плавева и Накие Бајрам, го адресира и прашањето за надминување на етнонационалните тензии во тоа време во земјата, сѐ уште нагласено присутни по конфликтот во 2001 година, со примери на здружено и заедничко дејствување на овие жени, активни социјалдемократки, од почетокот на 20 век, во исполнувањето на благородна цел: еманципација на жените и унапредување на работничките права. Оваа иницијатива на Иваноска симболизира нишка или мост на повторно поврзување на двете видно етнички и верски поделени страни на градот и обид за надминување на различностите и градење заедници по примерот на овие две жени од македонската историја, за воедно да го истакне и недоволното чувство за еднаква родова застапеност од страна на носителите на одлуки.

Оваа иницијатива ќе го обелодени заборавеното дејствување на овие две жени – Роса Плавева и Накие Бајрам, едвај валоризирано и документирано, разоткривајќи ја скудната документација растурена низ архивите на неколку институции низ градот: Музејот на Град Скопје, Институтот за национална историја и Државниот архив, и давајќи ѝ лице и содржина на маргинализираната македонска женска историја. Иако денес овој мост е именуван како „Цар Самоил“, што беше и еден од неофицијалните предлози за именување објавени во медиумите при отворањето на мостот, овој мост е сѐ уште познат како мостот кај Транспортен центар и ретко кој го знае официјално даденото име.  

Предлогот на Иваноска, доставен во април 2005 година до Град Скопје, односно до тогашната Комисија за именување на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, требаше да го сврти вниманието на градските власти за недоволната застапеност на имиња на значајни жени при донесувањето на овие одлуки, и воопшто, на недоволното познавање на женското делување на оваа терирорија пред Втората светска војна. Од нејзината неофицијална средба со советник на тогашниот градоначалник на Град Скопје, таа дознава дека нејзиното барање е „премногу деликатно и може да предизвика вознемиреност помеѓу политичките партии“, дека „ваков капитален објект не би можел да биде именуван со имиња на жени“ и да не очекува официјален одговор на нејзиното барање.

Во воведниот текст за премиерното претставување на ова дело „Именување на мостот: Роса Плавева и Накие Бајрам“, изложено како триканална видеопроекција во Фондацијата за уметност на жените во Лондон (јуни 2006), кураторката на проектот и теоретичарката Сузана Милевска напиша: „Проектот претставува редок пример на лична иницијатива кој се осврнува на прашањата за велот со чувство неоптеретено со конфликтите од минатото; обид да изгради мост меѓу различните гледања кон велот во конфликтни интелектуални и културни средини.“ 

Токму преку триканалното видео, печатениот материјал во форма на фанзин и постери, кои Иваноска ќе ги создаде како заокружување на нејзиниот проект „Именување на мостот: Роса Плавева и Накие Бајрам“, и нејзините бројни јавни презентации, оваа иницијатива ќе стане дел од јавниот наратив, силно поддржана и прифатена од граѓаните. Последна информација која пред извесно време ја објави Град Скопје е дека сегашната комисија одлучила еден мост во Скопје да биде именуван со имињата на Роса Плавева и Накие Бајрам. Доколку иницијативата за именување стане реалност, по изминати 16 години од нејзиното поднесување, ќе се потврди верувањето дека уметничката практика може да биде двигател на промени и градење политичка волја за создавање инклузивно демократско општество.  

Кои се Роса Плавева и Накие Бајрам? Откако списанието „Форум“ за првпат ја објави иницијативата на Иваноска преку која јавноста и дозна за нивното делување, некои новинари ги нарекоа „скопските Роза Луксембург и Клара Цеткин“. „Дели Роса“, како што ја нарекувале Турците поради нејзината исклучителна храброст, живеела 92 години. Таа е родена во Велес во 1878 година со моминско презиме Варналиева, а се школувала во Софија, каде што го запознала и нејзиниот иден сопруг, велешанецот и социјалдемократ Илија Плавев. Кон крајот на 30-тите години со своето семејство се сели во Белград, каде што и почива денес. За неа велат дека била „енергична сува старица која во својот говор била луцидна, духовита и брза…секогаш облечена во бела машка кошула, црвена вратоврска и темносин костум“. Таа била учесничка во Илинденското востание во 1903 година и носителка е на Илинденска споменица, секогаш закачена на нејзиното палто. 

Според изворите на Христина Иваноска, во нејзиниот разговор со внукот на Накие Бајрам, професорот Газанфер Бајрам, се дознава дека „таа потекнува од едуцирано семејство каде што женската страна се истакнува со решителност и храброст…. Неговата баба Накие била строга, но правична. Таа се обидувала да не ги повреди сите морални кодекси на однесувањето, и оние запишани во Куранот и оние наметнати од средината“. Учителка по професија, Накие Бајрам е активно вклучена, пред сѐ, во процесите на еманципација и описменување на муслиманската жена од 1947 година.

Патен мост „Цар Самоил“ над река Вардар, на улица „Беласица“, централно подрачје на градот Скопје

Овој мост е изграден во 2005 година и ги поврзува двата брега на реката Вардар, јужната страна, каде што се наоѓа зградата на Поштата, и главната Железничка станица, каде што граничат О. Центар и О. Аеродром, додека на северниот брег се наоѓа една бензинска пумпа и последната крстосница на булеварот „Гоце Делчев“. На оваа крстосница граничат исто така две општини, О. Центар и О. Гази Баба.