Живописниот езерски град Дебар, којшто се наоѓа во крајниот западен дел од Македонија, ја дочекал Втората светска војна под окупација на Италија. Во османлискиот период градот Дебар бил познат како економски напредна средина, каде што живеело албанско и македонско население прочуено по занаетчиството. Во 20 век започнал падот на Дебар како урбана средина и се зголемиле различните поделби помеѓу населението, особено етничките, националните и класните поделби.
Во такви услови, во 1927 година во Дебар се родила Ибе Шериф Паликуќа. Познато е дека нејзиниот татко бил оџа, а останатите членови од семејството се занимавале со занаетчиство, како нејзиниот брат Ештреф. Семејството Шериф, по започнувањето на војната, било антифашистички настроено, а Ештреф прв се приклучил кон партизанскиот отпор. На почетокот на војната Ибе имала 14 години, а меѓу дебарчаните вклучени во отпорот веќе била позната по нејзиниот прекар „Фљака“ (flakë, алб. пламен).
Според усните сведоштва за Ибе Паликуќа, само што зачекорила во младинските години, започнала да се противи на традиционалните норми, особено на оние што се однесувале на албанската жена муслиманка во тој период – подготвувањето за брак и носењето фереџе. Иако имала скромно образование, ги сакала книгите и ги имала прочитано руските класици како Толстој, Дима и Горки. Од брат ѝ Ештреф земала и читала комунистички книги, левичарски весници и партиска литература.
Во воените услови таа ја препознала својата мисија во вклучувањето кон локалните ограноци на Комунистичката партија, а понатаму и во приклучувањето кон партизанската војска. Во 1942 година се приклучила на СКОЈ, а во 1943 година станала членка на КПЈ. Како многу други младинци кои биле дел од народноослободителното движење, Ибе Паликуќа најпрво била активна во курирската служба и пренесувањето илегалци.
Соборците често ја посочувале по способноста за камуфлажа додека се движела низ околните села. По капитулацијата на Италија во 1943 година, Ибе Паликуќа станала членка на локалната управа на КПЈ на Дебар. Во овој период, таа организирала политички активности за ангажирање на женската младина во локалното организирање. Во 1944 година, кога имала 17 години, Ибе Паликуќа се вклучила во партизанските чети. На 6 август 1944 година, станала заменик-комесар на чета во Четвртата албанска бригада на Народноослободителната војска. Оваа бригада учествувала во борбите за ослободување на територијата од воените групи на балистите – припадници на албанската антикомунистичка организација која соработувала со фашистичките сојузници со цел обединување на Албанија според тогашните големонационални идеи.
Во една борба со овие воени групи, над калето на соседниот град Кичево, на 20 септември 1944 година Ибе Паликуќа била ранета и по два дена им подлегнала на повредите. За жителите на Дебар и Кичево, Ибе Паликуќа станала локална легенда и симбол на етничкиот соживот помеѓу македонското и албанското население. На 8 октомври 1953 година била прогласена за Народен херој на Југославија. Во локалните и националните историски наративи, нејзиниот лик и дело често се наоѓале во прозата и во поезијата за деца и млади.
Во центарот на Дебар денес се наоѓа нејзина спомен-биста на албански јазик, а на калето над градот Кичево, на местото на борбата каде што Ибе Паликуќа била ранета, се наоѓа спомен-биста и спомен-плоча на македонски јазик, со историски податоци. Локалните здруженија што ги негуваат сеќавањата за антифашистичката борба, секоја година ја одбележуваат смртта на Ибе Паликуќа пред нејзината биста. Во повеќе градови низ Македонија (Тетово, Дебар, Кичево, Скопје) има улица именувана по Ибе Паликуќа. По неа е именувано и едно основно училиште во село Бојане, како и еден од најстарите албански ансамбли во Македонија за народни танци и песни во Скопје.
За жителите на Дебар и Кичево, Ибе Паликуќа станала локална легенда и симбол на етничкиот соживот помеѓу македонското и албанското население.

Спомен-биста на Ибе Паликуќа, Дебар
Спомен-бистата на Ибе Паликуќа се наоѓа во спомен-паркот посветен на борците од Народноослободителната борба, во центарот на Дебар, веднаш до паркот „Скендербег“ и на неколку стотини метри од градскиот плоштад. До паркот се стигнува пеш, со велосипед или со автомобил. Пристапно за лица со попреченост.