Захарија Василева Шумљанска

Населба Чифтефурни во Битола

Краток опис:  хуманитарка и активистка

Локација: Населба Чифтефурни во Битола, Сиропиталиште на Захарија Шумљанска, црква „Пресвета Богородица“ и ОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Битола (не постои објектот, но ова е местото/Битола, местото каде што се наоѓало сиропиталиштето во дворот на црквата „Свети Богородица“ https://goo.gl/maps/drEmK3Khk72pMgoE8  

Алтернативна локација: Куќата на Захарија Василева Шумљанска во близина на Градската библиотека во Битола

Адреса: Ул. Белградска, бр. 26

Опис на локацијата: Денес е приватна куќа, но сепак оставена на забот на времето. Улицата припаѓа на старото градско јадро и се одликува со архитектурата на куќите изградени во доцниот 19. век. Се пресекува со ул. „Јорго Османо“, позната и како „Еврејско маало“, бидејќи тука живееле сефардските Евреи во Битола, пред депортацијата. Во близина е и Центарот за култура, Библиотеката, Саат-кулата. Се стигнува пешки, со велосипед или со автомобил, иако пристапноста не е најдобра и е отежнато за пристап за лица со попречености.

Детален опис: Захарија Василева Шумљанска била просветна работничка, хуманитарка и активистка. Опишана е како „една од најинтелигентните и енергични битолски граѓанки“. Таа е родена во село Могила, Битолско, на 15 мај во 1864 година. Информациите за нејзината најрана возраст покажуваат дека таа особено се истакнувала во школските успеси како најдобра меѓу останатите ученички. Завршува основно и гимназиско образование со одличен успех, по што се здобива со стипендија да го продолжи образованието во Пловдив, каде што завршува со одличен успех во 1885. По враќањето во Македонија на 21-годишна возраст, 14 години се занимава со учителска дејност во Воден, потоа во Скопје, во Одрин и во Солун. Потоа таа се венчава со Јулијан Шумљански, полски емигрант, со кого живее во Битола. Тие имаат две деца.  

Во 1903 година се случува Илинденското востание, кое завршило со многу жртви и штети, по што многу деца останале сираци. Захарија ја прифаќа идејата за помагање на децата сираци, останати без дом и родители, и иницијативата за создавање дом ја остварува постепено почнувајќи од 1905 година, кога со помош на други граѓани и граѓанки од Битола основа здружение, тогаш наречено „културно благотворително дружество“, за кое битолчаните на општоградското собрание биле едногласни да се формира откако го слушнале нејзиниот говор. 

Здружението било наречено „Утеха“, а негов претседател бил Живко Добрев. За да не ги разбудат сомнежите на турската власт, тие најпрво започнале со отворање кујна за сите сираци. Таа кујна се наоѓала во црквата „Св. Богородица“. Најпрво имале план да направат сиропиталиште со 40 легла. Целиот процес на собирање храна и продукти бил неизмерно тежок. За среќа, им биле доделени дополнителни 4-5 соби и дворот на црквата. Од битолските еснафи собирале материјали и храна, некогаш најевтино набавени, а неретко и без надомест. За една година се собрале вкупно 46 деца. Во истата 1905 година, таа и г-ѓа Ракарова, жена на бугарскиот воен аташе во Битола и потпретседателка на здружението, патувале сами двете на коњ од Битола до Ресен и Охрид и назад, а потоа од Битола до Прилеп и Крушево и назад, за да собираат пари и облека за потребите на сиропиталиштето. Во тогашната ситуација било особено опасно да се направи овој подвиг, за што Захарија мошне живописно раскажува во своите мемоари, објаснувајќи ги предизвиците и случките од ова опасно патување. Двете битолчанки се залагаат кај властите, еснафите, имотните граѓани и кај претставниците на политичкиот и елитниот круг за развивање на сиропиталиштето и за потребата од финансиска помош за децата-сираци. Така остваруваат врски со Софија, конкретно со госпоѓа Екатерина Ризова-Петкова, самата со потекло од Битола, претседателка на софиското македонско здружение. „Утеха“ потоа станува членка на софиското здружение, со протоколно решение и размена на писма меѓу двете здруженија. Конзулите на Бугарија, на Русија и на Англија во Битола станале покровители на сиропиталиштето. И од солунскиот „бугарски“ конзул исто така добиле финансиска поддршка. Захарија и другите инволвирани започнале со организирање концерти и „вечеринки“, а приходите од нив оделе за сиропиталиштето. Таа сама се грижела за чистотата на тие „немирници“, како што ги нарекува во своите мемоари. 

Бидејќи бројот на сираците се зголемувал од година на година, морале постепено да го напуштат сиропиталиштето во црквата, за од 1910 година, кога имале 110 сираци, да се преместат во куќата на Калешко, а подоцна и во онаа на Ризова. 

За жал, ваквата хуманитарна активност била запрена поради интернацијата на семејството Шумљански во Солун. Турската власт открила дека сопругот на Захарија имал врски и ја помагал Револуционерната организација. Не помогнала ниту интервенцијата на рускиот конзул Петраев, па семејството Шумљански било депортирано во Солун. Збогувањето на Захарија со децата од сиропиталиштето на Железничката станица во Битола било посебен настан на којшто присуствувале многу граѓани и деца кои на разделбата гласно плачеле по својата заштитничка Захарија. Фанија Зурграфова ја презела грижата за децата во сиропиталиштето.

И по заминувањето на Захарија, бројката на деца продолжувала да расте уште повеќе и своевремено изнесувала 130 деца. Од година на година, сѐ повеќе се развивала работата на сиропиталиштето, поради што веќе се јавила потреба да се изгради сопствена нова зграда. Домот за сираци, по заминувањето на Захарија, опстојувал уште кусо време и потоа бил уништен за време на Балканските војни во 1912-1913 година, кога сираците се распрснуваат по околните села, а покуќнината од сиропиталиштето била ограбена, оштетена и опустошена. 

Во 1912 година во Солун, Захарија отвoра болница за ранетите македонски војници, но со доаѓањето на грчката власт тие повторно стануваат предмет на прогон. За време на Првата светска војна, поради наклонетост кон македонското револуционерно дело,  Захарија најпрво била ставени во домашен притвор, а подоцна била одвоена од семејството и интернирана во Мехади и Рас Селтин, Северна Африка.

По Првата светска војна, илјадници македонски бегалци се нашле во Бугарија. Тогаш оваа добротворка, иако физички не толку моќна но со незапирлива желба да помогне, основала Дом за сираци во главниот град на Бугарија, којшто го носел името „Битола“. Во него биле згрижени 120 сирачиња. Захарија умира во Софија на 18 ноември во 1937 година.

Избран цитат:

Извори:

Списание: Илустрација Илинден (издание на илинденската организација), година IX. Книга 10, Софија, декември 1937 година.

Значајни личности за Битола, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, Општина Битола, 2007, (str. 267 – 268) http://nuub.hopto.org/greenstone3/sites/localsite/collect/col11/index/assoc/HASHfc68.dir/ZnacajniLicnostiZaBitola.pdf 

Николов Тома, СПОМЕНИ ОТ МОЕТО МИНАЛО, (Изд. на Отеч. фронт, София, 1989), 38. Захарија Шумљанска http://macedonia.kroraina.com/tn/index.html 

https://documents-mk.blogspot.com/2011/09/blog-post_18.html 

http://daritelite.bg/siropitalishte-bitolya-sofiya/