Женско занаетчиско училиште во Струга

Струга, ул. „Владо Малески“ б.б.

Краток опис: Во периодот помеѓу 1935 и 1941 година, Женското занаетчиско училиште, познато и како „Работничка школа“, претставувало институција за образование на девојки и жени во Струга и можност за излегување на женскиот труд надвор од домот.

Опис на локацијата: Денес објектот е празен и во распаѓање, а на фасадата стои спомен-плоча со годината на изградба и името на донаторката – Драга Јевтиќ. Се наоѓа во центарот на градот, до основното училиште „Браќа Миладиновци“. До локацијата се стигнува со возило, со велосипед или пешки. Нема пристапност за лица со физичка попреченост.

Рути: Музеј „Д-р Никола Незлобински“, Охрид, Вевчани 

Опис: Во 1935 година во Струга било изградено Женското занаетчиско училиште кое функционирало до 1941 година. Изгрдабата била иницирана и финасирана од Драга Јевтиќ, образована жена од Струга која работела во Белград како професорка. Занаетчиското училиште било важно за образованието на девојчињата и за нивното вработување и остварување личен приход, а меѓу граѓаните на Струга било познато како „Радничка школа“. Со изградбата на занаетчиски училишта на територија на Македонија во меѓувоениот период, за првпат женскиот мануелен труд излегува од куќната/домашната индустрија и од семејната економија на пазарот на трудот, на систематизиран начин. Женските занаетчиски училишта најчесто биле градени и спонзорирани од страна на образовани жени од слободните професии или од страна на женски хуманитарни здруженија. Покрај теоретските познавања од областа на традицијата, културата, јазикот и историјата на Кралството Југославија, девојките во овие училишта ce стекнувале со вештини од областа на кројачкиот занает, килимарството, везењето, шиењето и сл. Често, задолжителен предмет била и веронауката. Најчесто школувањето во овие училишта било бесплатно и траело пет години. Раководителките на занаетчиските училишта имале и изразена воспитна задача и често поттикнувале патриотски и патријархален дух кај девојките. Занаетчиските училишта често организирале базари за промоција и продажба на женските рачни изработки, а парите завршувале во училишниот фонд. Работничките во текстилниот и кројачкиот сектор во голем дел се регрутирале токму од занаетчиските училишта.

Избран цитат: За најголем дел од женското население, занетчиските училишта биле единствениот облик на образование и можност за еманципација.

Фотографии: 

Извор: Љупчо Пинтоски, лична архива, објавени како фејсбук-објава во групата „Спомнете ја Струга барем на картата за временска прогноза“

 

izvor na foto https://www.facebook.com/photo?fbid=10215452683463457&set=oa.10158593368619286