Естреја била родена на 25 декември 1923 година, во сиромашно семејство во заедницата на сефардските Евреи во Битола. Работничката реалност на нејзините родители ја поттикнала рано да се приклучи во синдикалните и работнички организации во родниот град, како и активно да работи во локалните хуманитарни еврејски здруженија, а со помош на женското еврејско друштво „Визо“ успеала да се образува во Белград.
Естреја се вратила во Битола во 1941 година, во ек на распламтениот антисемитизам низ Кралството Југославија, само две години пред транспортот на битолските Евреи во Треблинка. По враќањето, оваа класно свесна младинка решила да се приклучи кон отпорот во 1943 година, каде што го добила партизанското име Мара. Како млада жена, на околу 20 години, учествувала во неколку битки на македонските партизански одреди. Во судир со фашистичките трупи, на 26 август 1944 година, кај планинскиот врв Кајмакчалан, којшто претставува претстража на градот Битола, Естреја била застрелана и загинала. На местото на битката денес постои спомен-плоча со имињата на борците.
Естреја станала пример за солидарност и активизам помеѓу младите Евреи. Градот Битола се сеќава на Естреја со спомен-биста во центарот на градот пред Здравствениот дом, а во Ерусалим, исто така, во близина на музејот Јад Вашем постои улица која го носи нејзиното име. Во 1953 година била прогласена за Народен херој на Македонија, со што станала единствена жена Еврејка носителка на признанието помеѓу 11 Евреи Народни херои во Југославија.
Животната приказна на Естреја Овадија е пример за тоа како младинската бунтовност и вклучувањето на младите луѓе во работата за издигнувањето на сопствената заедница може да направи значајни промени во општеството.

чалан, врв на планина Ниџе. Извор: https://www.itarpejo.org/spomenik-na-borci-od-vtorata-svetska-vojna/
Кајмакчалан, врв на планината Ниџе
Спомен-плоча на загинатите во НОАВМ од Седмата бригада, за битката на Кајмакчалан на планината Ниџе, во близина на македонско-грчката граница. Во близина е и селото Скочивир. Пристапно со теренско возило поради неасфалтиран пат или пречки по планинската рута. Непристапно за лица со физичка попреченост.