Есма Реџепова-Теодосиевска

Куќа-музеј „Есма и Стево Теодосиевски“ во Скопје.

Опис на локацијата: Куќата на Есма Реџепова се наоѓа во непосредна близина на Музејот за современа уметност во Скопје, на истото брдо помеѓу Скопското кале и Француските гробишта. Лесно е видлива од улицата „Самоилова“ и од платото пред влезот на Музејот за современа уметност. Куќата е прилично оштетена, скршени се сите прозорци и целосно недостасува покуќнината.

 

Детален опис: Есма Реџепова ја добива титулата „Кралицата на ромската музика“ на првиот Светски фестивал на ромска музика во Кандигар, престолнината на Пенџаб, во 1976 година. Родена е во Скопје и живеела во строгиот центар на градот, со своите родители, петте браќа и сестри и својата баба од еврејско потекло. Како мала, Есма била пргаво и бунтовно девојче, единственото кое играло „крпењача“ (топка направена од партали) со своите машки врсници од маалото. Таа била присутна во центарот на градот или како помошничка на својот татко кој чистел чевли кај Ристиќева палата, или како помошничка кај богатите скопски фамилии, и својата заработка најчесто ја трошела на билети во скопските кина. Своето прво искуство со дискриминацијата Есма го доживеала на првиот училиштен ден, кога нејзина соученичка не сакала да ја фати за рака поради тоа што била „Циганка“. Реџепова брзо го надминала ова непријатно искуство кога со неа во првата клупа седнува друг соученик. Клучна улога во градењето цврст став дека наместо да се срами од потеклото, тоа треба да ја прави горда, одиграла нејзината тетка Дуда. 

 

Талентот на Есма е забележан уште во нејзиното основно образование, кога таа почнува да учествува на разни школски натпревари, но и да оди на аудиции за пеење. Првпат настапува во 1956 година, во радиоемисијата „Микрофон је ваш“ на Радио Скопје. Таму корепетитор бил Стево Теодосиевски, кој подоцна ќе стане и нејзин сопруг. Со одобрување на нејзините родители, тој прво ѝ станал ментор и таа настапувала со него низ Југославија од тој момент, сѐ до нејзината 18-годишна возраст. Поради ова доаѓа до забуната со неточниот официјален датум на раѓање на Есма Реџепова. Во едно интервју на локална ТВ-емисија во декември 2015 година, Есма изјавува дека е родена на 8 август 1945, наместо 1943 година, како што може да се прочита во официјалните извори. Причината за додавањето две години со дозвола на нејзините родители е „легално олеснување“ пред полицијата за да може да патува, да престојува и да заработува со својот ментор и менаџер Стево Теодосиевски, бидејќи во тоа време било дозволено самостојно да се заработува со наполнети 13 години. Во догледно време, на својата 23-годишна возраст, таа склучува брак со Теодосиевски, во којшто згрижиле 48 деца до нивното полнолетство. Есма Реџепова, и покрај тоа што не доживеала возвратена љубов од оној којшто го сакала и се омажила млада за многу повозрасен човек кој буквално „ја одгледувал од најнежна возраст“, успева да стане ромска, женска и музичка икона на нашиот град, земја и на времето во кое живееме. 

И покрај тоа што, благодарејќи им на Есма Реџепова и Стево Теодосиевски, во 1956 година на брановите на Радио Скопје Македонското радио за првпат се слушнала ромска песна, тие во 1960 година се селат во Белград поради скриеното „ембарго“ врз нивната работа, односно повторно поради дискриминација и расизам. Затворените студиски врати во Скопје ги замениле со настапи низ целиот свет, и пред личности од елитните политички структури, како Тито, Сукарно, Гадафи, Индира Ганди и други. Есма го издава својот прв сингл за Југотон во 1961 година, кога тоа било привилегија на малкумина пејач(к)и и, воопшто, музичари. 

 

Есма Реџепова била дел од светската музичка сцена сѐ до својата смрт цели 60 години. Во овој период снимилa над 800 дела, има изведено над 23 000 настапи, од кои 2000 хуманитарни концерти и други добротворни музички настапи, а нејзината музичка продукција е една од најбогатите во земјата, некогашната и сегашната. Таа своевремено станува и составен дел од состојбата на егзотизирано обожавање на ромската музика која се јавува во Европа и во останатиот западен свет; неа ја препознаваат како уметница која ги задоволува (западните) апетитите за егзотични балкански чочеци, но владее и со специфичните музички сцени и публики, кои суштински ги препознаваат нејзините квалитет и генијалност. Сепак, во матичната земја, нејзиното наследство е сведено на свеченост, сеќавање, а не се смета за културно добро од јавен интерес и висок стандард поставен од локалната култура, дури и по денешните параметри на функционирањето во музичката индустрија. Сепак, тоа не ја прави помалку една од значајните женски точки на курсот на историјата на современа Северна Македонија. 

 

Реџепова умира ненадејно, на 11 декември 2016 година. Освен големата музичка ризница и влијанието врз светската музика, таа во својот тестамент „на Македонија“ ѝ го остава целиот свој стекнат имот, со доделениот плац на скопското Кале, каде што на 1 јуни 1992 година во Скопје е започната изградбата на Домот-музеј на народната музика. Нејзината желба била таму да се отвори јавна институција, дом на културата, но таа желба ниту денес не ѝ е исполнета, ниту пак е реализирана идејата за музеј што ќе сведочи за поливалентната, светска кариера на Реџепова, исполнета со многу луѓе, патувања, почести, креации и фустани, признанија. Ова е дотолку поважно што најголемата општина со ромско население на Балканот и понатаму останува без ниту една установа од културата на својата територија и што, воопшто, каква било идеја која ќе ги памети и ќе раскажува за животот и делото на единствената Есма Реџепова досега не е остварена. 

 

Избран цитат: 

 

Извори: 

Реџепова, Есма. „Каква е таа кралица која работи дома!?“ Интервју на Бранка Н. Доневска. Старт, 2000. Реобјавено на Сутерен.мк, 9 мај 2020 https://suteren.mk/%D0%B5%D1%81%D0%BC%D0%B0-%D1%80%D0%B5%D1%9F%D0%B5%D0%BF%D0%BE%D0%B2%D0%B0-%D0%BA%D0%B0%D0%BA%D0%B2%D0%B0-%D0%B5-%D1%82%D0%B0%D0%B0-%D0%BA%D1%80%D0%B0%D0%BB%D0%B8%D1%86%D0%B0-%D0%BA%D0%BE%D1%98%D0%B0/

Реџепова, Есма. „Патот до успехот (прва епизода, прв дел)“. Интервју на Мишко Иванов. Продукција „24 Вести“, 2016. Видео, 17:49. https://www.youtube.com/watch?v=aR7Y7LwVGAw

Ландов, Христијан. „Четири години од смртта на Есма: Пропаѓа ограбената куќа која треба да биде музеј за неа и за Стево Теодосиевски“. A1on.mk. Објавено на 11 декември 2012https://a1on.mk/macedonia/chetiri-godini-od-smrtta-na-esma-propagja-ograbenata-kukja-koja-treba-da-bide-muzej-za-nea-i-stevo-teodosievski/

Mister.com.mk. „Есма Реџепова: Биографија“. http://www.mister.com.mk/mak/izveduvac.asp?izveduvac=164

Катин, Славе. „Во домот на Есма – музеј на музиката“. Македонско сонце. http://makedonskosonce.com/22261/

Град Скопје. „Град Скопје ги враќа старите имиња на Ленинова, Железничка, Мексичка, 4. јули и други“. Објавено на 25 март 2021 https://skopje.gov.mk/mk/vesti/2019/25-03-2021-grad-skopje-vrakanje-stari-iminja-na-ulicite/

 

https://suteren.mk/%D0%B5%D1%81%D0%BC%D0%B0-%D1%80%D0%B5%D1%9F%D0%B5%D0%BF%D0%BE%D0%B2%D0%B0-%D0%BA%D0%B0%D0%BA%D0%B2%D0%B0-%D0%B5-%D1%82%D0%B0%D0%B0-%D0%BA%D1%80%D0%B0%D0%BB%D0%B8%D1%86%D0%B0-%D0%BA%D0%BE%D1%98%D0%B0/

Иванов, Мишко. Патот до успехот - Есма Реџепова | Прва епизода |Прв дел https://www.youtube.com/watch?v=aR7Y7LwVGAw 

 

https://mk.wikipedia.org/wiki/1992 

https://a1on.mk/macedonia/chetiri-godini-od-smrtta-na-esma-propagja-ograbenata-kukja-koja-treba-da-bide-muzej-za-nea-i-stevo-teodosievski/ 

http://www.mister.com.mk/mak/izveduvac.asp?izveduvac=164 

http://makedonskosonce.com/22261/ 

https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%95%D1%81%D0%BC%D0%B0_%D0%A0%D0%B5%D1%9F%D0%B5%D0%BF%D0%BE%D0%B2%D0%B0 

https://skopje.gov.mk/mk/vesti/2019/25-03-2021-grad-skopje-vrakanje-stari-iminja-na-ulicite/ 

Извор на фотографии:

https://www.slobodenpecat.mk/esma-redhepova-kralicza-na-romskata-muzika-nejziniot-soprug-beshe-22-godini-postar-od-nea-posvoija-duri-47-sinovi-i-edna-kerka/ 

https://www.flickr.com/photos/lilian3000/418030091