Елпида Караманди

Битола, ул. „Маршал Тито“ (Широк сокак) бр. 130, „Женска потребителна задруга“

Краток опис: 1.1.1920 (Лерин, Грција) 3.5.1942 (с. Лавци, Битолско), македонска партизанка и антифашистка, прогласена за Народен херој. Една од најважните личности во културната меморија на градот Битола. 

Рути: Градски парк (Алеја на борци во НОБ), с. Лавци, Гимназија „Јосип Броз Тито“, Кајмакчалан, планина Кајмакчалан, Национален парк Пелистер, Музеј на Битола

Опис на локацијата: Спомен-плоча за формирањето на „Женската потребителна задруга“ на 1 јануари 1941 година, во Битола, значајна за организирање на жените во општествено-политичкиот живот и против окупаторот, во чии активности учествувала и Елпида Караманди. Пристапно за лица со физичка попреченост.

 

Опис: Елпида Караманди претставува една од најдлабоко врежаните личности во културната меморија на Битола. Била родена во Лерин, во Грција, на 1 јануари 1920 година, но откако нејизната мајка останала вдовица, се преселиле во Битола. Средното образование го завршила во битолската гимназија, а во 1939 година заминала на студии во Белград. За време на студиите таа се приклучила кон комунистичката младина на Белградскиот универзитет и, во соработка со студенти од Филозофскиот факултет, учествувала во акција за собирање потписи за женското право на глас во Југославија во 1939 година. По окупацијата на Кралство Југославија од страна на нацистичка Германија и окупацијата на Вардарска Македонија од бугарската фашистичка администрација, дел од населението се приклучило кон партизанскиот отпор. Елпида Караманди станала една од најистакнатите организатори на НОД во Битола, особено меѓу жените и младината. Во 1941 година таа станала член на КПЈ и оттогаш уште позасилено ја ширела идејата за бескомпромисна борба против окупаторот. Ја распознавале под партизанските имиња Нада и Бисера. Во илегалната работа на КПЈ во Битола се приклучила без знаење на семејството, кое се противело. Знаела единствено нејзината снаа Вангелица Караманди, која од страна на Елпида била подучувана со марксистичка литература и вклучена тајно во женската секција на партијата. Во овој период Елпида активно вежбала да ракува со оружје и учествувала во неколку диверзантски акции за растурање фашистички настани во градот. Поради својата активност била уапсена од бугарската полиција, но и покрај страшните мачења на коишто била подложена, окупаторските полицајци не извлекле ништо од неа. По излегувањето од затвор, Елпида се префрлила во илегала. Пролетта во април 1942 година, била меѓу првите борци на штотуку формираниот партизански одред „Пелистер“. На 3 мај 1942 година, во борбата на опколениот одред над селото Лавци, во близина на Битола, таа била тешко ранета, заробена и по долго мачење, стрелана. Нејзината херојска смрт е особено застапена во урбаните легенди и усните сведоштва, а во градот, во нејзина чест, се именувани улица, текстилна фабрика, образовни институции пред коишто има нејзина спомен-биста, а поставена е и спомен-биста во Алејата на Градскиот парк. Таа е опеана во неколку народни песни кои настанале непосредно по војната. За народен херој била прогласена на 6 октомври 1951 година.

Избран цитат: Елпида раководела со женската секција, која работела како дел од легалната работничка организација „Женска потрошувачка секција“ во Битола, од каде што се регрутирале членките. Тоа било место за организирање на жените и на работничката младина.

https://en.wikipedia.org/wiki/Elpida_Karamandi#/media/File:Elpida_Karamandi.jpg

https://3.bp.blogspot.com/-euq6bKBIWxQ/XMHNCl8eFjI/AAAAAAAABHQ/UMJe9Xe2ey

wdsDJwxwiRTLsk1mGYFIKrACLcBGAs/s1600/IMG_20170503_155828.jpg  и https://www.elpidakaramandi.edu.mk/2019/04/blog-post_25.html 

https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/d/d3/Zenska_potrebitelna_zadruga_-_spomen_ploca_Bitola.jpg