Делфа Иваниќ

Скопје, Болница за пулмологија, ул. „Мајка Тереза“ бр. 17

Краток опис: 6.3.1881, Подгорица – 14.8.1972, Белград, кoосновачка на мисионерското женско хуманитарно друштво „Коло српских сестара“, претставничка на конзервативниот дел од женското движење помеѓу двете светски војни

Рути: центар на Скопје, Стара скопска чаршија, тврдина Кале, парк „Жена борец“

Опис на локацијата: Домот на „Коло српских сестара“ во Скопје бил изграден во 1925 г., но денес зградата не постои и на локацијата се наоѓа болница. На локацијата може да се пристапи со возило, пешки/со велосипед или со јавниот градски превоз во Скопје. Пристапно за лица со попреченост.

Опис: Делфа Иваниќ, родена Мусиќ, била српска образована жена којашто дејствувала како просветарка, сликарка, писателка, хуманитарка и коосновачка на српското патриотско женско здружение „Коло српских сестара“ (КСС, 1903 – 1941). Нејзината биографија открива бројни аспекти на еманципација кај жените од високата граѓанска класа, која се одвивала помеѓу граѓанскиот пуританизам и национализмот. Таа била родена во Подгорица, на 6 март 1881 година. Во 1900 година се вработила во Скопје како учителка по француски јазик и по биологија во српската Женска гимназија. Одборот на КСС во Скопје бил најброен и имал најуспешна дејност – до 1937 година биле приклучени вкупно 1.714 жени. Канцелариите и просториите на занаетчиското училиште на КСС биле сместени во Домот, изграден во 1925 година од самото здружение, а многу од настаните и хуманитарните балови се одржувале и во Офицерскиот дом во центарот на Скопје (и оваа зграда денес не постои). Здружението имало и своја публикација, календар „Вардар“, чија коосновачка била Делфа Иваниќ, а каде што се обработувале теми од женското современо секојдневие. Делфа Иваниќ се смета за прва жена во српската и во југословенската историја која има напишано свои комплетни автобиографски спомени. Нејзините Спомени („Успомене“) претставуваат ризница од информации за приватниот живот на граѓанската елита: положбата на жената во семејството, разводите и старателството над децата, начините на коишто жените го остварувале своето влијание во општеството по неформален пат, како внатрешнопартиските и меѓупартиските борби и политички преврати влијаеле врз работата на женските здруженија и како женските друштва всушност делувале и се профилирале како вистински политички субјекти во државата. Умрела во Белград, на 14 август 1972 година. Биографијата и дејноста на Делфа Иваниќ е важна при разгледувањето спротивставени наративи за минатото, како на пример влијанието на српските патриотки и мисионерки врз културата, образованието и секојдневниот живот на жените во Вардарска Македонија (Кралство Југославија). 

Избран цитат: Делфа Иваниќ, за време на својот престој во Скопје, ја развила и ја раширила дејноста на здружението во повеќе области: помагање воени инвалиди, отворање и финансирање женски занаети и базари, хуманитарна и социјална работа, народни кујни за сиромашни, помагање изградба на амбуланти во малите места, едукација за хигиената и здравјето, националистичка пропагандна дејност, со цел создавање на „идеалната српска жена-мајка-родољупка“. Помеѓу српската национална елита станала позната како Делфа Иваниќ-Македонка.

Извор: http://www.riznicasrpska.net/ponossrpstva/index.php?topic=187.0