Веселинка Малинска

парк „Жена борец“

Опис на локацијата: парк во централното градско подрачје, наспроти Собранието на РСМ, достапен со сите превозни средства и пеш

Опис: Веселинка Малинска (Куманово, 1917 – Скопје, 1987) е комунистка, првоборка, медиумска работничка и политичарка, како и една од најистакнатите учеснички во НОБ и АСНОМ, а потоа и во АФЖ. Носителка е на Партизанска споменица 1941 и други југословенски одликувања Орден на заслуги за народот со златна ѕвезда и Орден на братството и единството со сребрена ѕвезда. Таа е вистински пример за активистичка и професионална посветеност на комунизмот како политичка идеологија. Малинска се активира уште од млада и веќе како тинејџерка станува членка на СКОЈ (1933) и секретарка на скоевски актив (1934), а до своите рани дваесетти години и членка на Месниот комитет на КПЈ во Куманово. 

Почетокот на Втората светска војна, односно Априлската војна, Малинска ја дочекува како главна курирска врска на Покраинскиот комитет на КПЈ за Србија и на ЦК на КПЈ со Белградскиот партизански одред и со партиските организации во Србија. До 1945 г. таа станува секретарка на Месниот комитет на КПЈ во Скопје, борка во Вториот скопски партизански одред, а одреден период минува во илегала кај јатаци на Скопска Црна Гора, од каде што заминала на планината Караорман за да стане секретарка на Агитпроп при Главниот штаб на НОВ и ПОМ. До крајот на војната таа била кандидатка за член на ЦК на КПМ, избрана делегатка на АВНОЈ, членка на Главниот одбор на Народноослободителниот фронт, делегатка и втора секретарка на работното Претседателство на Првото заседание на АСНОМ, како и референтка на Поверенството за информации. По ослободувањето станала секретарка на Главниот одбор на АФЖ за Македонија.

Веселинка Малинска отскокнува од доминантниот наратив за женскиот придонес во антифашистичката борба, којшто многу често се сведува на придонес за време на самата војна, но не и професионален и/или политички развој по неа. Така, најчесто учиме и читаме за оние жени, борки, хероини кои го загубиле животот, а поретко, или низ поинаква призма, за оние кои продолжиле со јавна, политичка или друга професионална работа, и тоа во општество во изградба, во тој момент опустошено од војна, но и сѐ уште конзервативно. Значи, освен што е политички активна пред и за време на војната, Малинска овој период го искористува да ја започне и својата новинарско-уредничка кариера, и тоа како уредничка во „Весник“, гласилото на МК на КПЈ во Скопје. За време на војната, таа е и одговорна уредничка на гласилото на НОФ, списанието „Илинденски пат“.

На 14 декември 1944 година во Скопје се одржала конститутивната конференција на Антифашистичкиот фронт на жените во Македонија. На конференцијата учествувале голем број жени од Македонија, претставници на Президиумот на АСНОМ, претставници на англоамериканската воена мисија при Главниот штаб на НОВ, претставници од НОФ и делегатки од другите југословенски републики. Конференцијата била отворена со говорот на народната хероина Мара Нацева, а членката на Иницијативниот одбор на АФЖ, Веселинка Малинска, поднела реферат на темата „Денешните задачи на АФЖ на Македонија“. АФЖ веќе наредниот месец го издава првиот број на своето гласило „Македонка“, основано по иницијатива на Малинска, која е и првата уредничка на списанието. „Македонка“ е прва печатена публикација уредувана од жени и посветена на проблемите на жените во Македонија за време на Втората светска војна и по создавањето на државата. 

Политичките причини за настанување на списанието и, како што објаснуваат самите авторки и уреднички, статијата посветена на задачите на АФЖ, биле зацврстување на извојуваната позиција на жените како градителки на државата и утврдување на правото на масовно и активно вклучување во сите професии и во органите на власт, како и поврзување со жените од цела Југославија за заедничко решавање на женското прашање. Ударните задачи поставени во првиот број, а со тоа и присутните теми во написите, биле масовното активирање на жените во конечно ослободување на територијата и посетување на курсевите за описменување. 

Особено забележливо е симболичкото намалување на етничката дистанца токму низ женската солидарност и прикажувањето на Македонката како православна, муслиманка, Еврејка, Турчинка или Албанка. Во списанието се јавуваат неколку редовни рубрики, кои во првите, воени броеви, сè до 1946 година, не се цврсто програмски поврзани, но може да се класифицираат на следниот начин: политичка рубрика, организациски живот и задачи на АФЖ, вести од внатрешноста и селата, вести од Југославија и светот, културно-научна рубрика и стручна рубрика со совети за домот или работилницата.

Текстовите што се однесуваат на женското секојдневие во селата или по фабриките, како и текстовите што имаат едукативна и советодавна цел, се разликуваат од останатите бидејќи јасно ја искажуваат женската перспектива во освестувањето и решавањето на проблемите. Тие даваат повеќе димензиии на женското политичко и социјално профилирање во јавниот дискурс, кое го надминува типичниот приказ на Македонката како пожртвувана, маченичка, борка или хуманитарка и ни ги прикажуваат жените кои во средината на 20 век живееле на село и се соочувале со проблеми што конечно добиваат име. Тие жени не се хероини од фронтот, туку трпителки на насилна, патријархална рурална реалност и претставуваат објективизираниот дел од женското битисување во таква средина. Во овие написи, кои што најчесто се среќавале во советодавната рубрика, се зборува за пиењето кај мажите, насилството во домот, положбата на жената во бракот, хигиената и заштитата од разни болести и теми поврзани со женското здравје. 

Токму во таква средина Малинска останала да работи и гради, а притоа била запомнета како скромна, ненаметлива и одмерена.

Избран цитат: Веселинка Малинска отскокнува од доминантниот наратив за женскиот придонес во антифашистичката борба, којшто многу често се сведува на придонес за време на самата војна, но не и професионален и/или политички развој по неа.

 

Извори:

Ивана Хаџиевска: „Македонка“ – првото женско списание во Македонија https://okno.mk/node/88317

Сама во ноќта – Сеќавање на Веселинка Малинска, објавено на 4 јули, 1974 година во Нова Македонија, реобјавено на https://okno.mk/node/70086

Далибор Станковиќ: „Жените ја создаваа македонската држава“, 14.12.2019 Нова Македонија, https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/%D0%B6%D0%B5%D0%BD%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D1%98%D0%B0-%D1%81%D0%BE%D0%B7%D0%B4%D0%B0%D0%B2%D0%B0%D0%B0-%D0%BC%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D1%81%D0%BA%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%B4%D1%80%D0%B6%D0%B0/