Вера Ацева

Прилеп, Парк на револуцијата, Могила на непобедените.

Краток опис: Комунистка, учесничка во НОБ и прогласена за Народен херој на 29 ноември 1953 година; Претседателка на АФЖ во Македонија 1946 – 1948, Градоначалничка на Град Скопје, членка на првиот Президиум на АСНОМ, во 1948 година е избрана за министерка за земјоделство.  

 

Опис на локацијата: Могилата на непобедените е меморијален комплекс составен од два дела, заедничка гробница-крипта на 650 загинати во Револуцијата за време на Втората светска војна и вториот дел – спомен-урни, а во Алејата се десетте Народни херои. Во паркот е и споменикот „Жена борец“. Во 1961 година на ова место е изграден споменик што го означува почетокот на востанието на македонскиот народ на 11 октомври 1941 година и масовните револуционерни организирања на младите. Паркот на Револуцијата е дело на архитектот Богдан Богдановиќ.

 

Детален опис: Вера Ацева е родена на 24 ноември 1919 година во село Ореовец, Прилепско. По завршувањето втора година гимназиско образование, таа морала да се откаже од училиштето на 16-годишна возраст, иако била солидна ученичка. Оттогаш започнува да работи во тутунската индустрија како работничка на Тутунскиот комбинат во Прилеп. Во исто време ја започнува својата активност во младинското работничко движење, каде што имала пристап до литература и ги посетувала илегалните курсеви на СКОЈ. 

Политичкото учество и активност на Вера Ацева било поддржано од страна на нејзиното најблиско семејство, и самото со револуционерно минато. Како припадничка на семејство што учествувало во минати револуционерни настани, нејзината активна инволвираност во политичките настани била поттикнувана и охрабрувана практика. Нејзиниот брат Мирче Ацев е исто така учесник во НОБ и прогласен за Народен херој. Во војната ги губи двајцата браќа, постариот Мирче и помладиот Димче, а нејзините родители биле интернирани во Бугарија. Имајќи ја среќата да ја преживее војната и да доживее длабока старост од 87 години, за неа никогаш не била напишана романизирана биографија – форма со која во 70-тите и во 80-тите им се оддавало почит на паднатите борки и борци. Сепак, во нејзината биографија најлесно достапни се оние податоци што потврдуваат дека Вера Ацева била една од политички најистакнатите личности во периодот од Втората светска војна, сѐ до нејзината активна вклученост во политичкиот живот на земјата по ослободувањето. 

Хронологијата на нејзините политички позиции во воениот период започнува со нејзиното вклучување како членка на КПЈ во 1940, кога веќе е позната под партизанското име Доста, и е дел од организаторите на Првиот партизански одред. Потоа станува членка и на Месниот комитет на КПЈ за Прилеп. Во септември 1940 година на Покраинската конференција е избрана за член на покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. Од тој период до ноември 1941 година е секретар(ка) на Месниот комитет во Прилеп. На оваа позиција таа ја има клучната улога во настаните на 11 октомври 1941 година во Прилеп и Куманово, коишто денес се одбележуваат како почеток на востанието во Македонија. Во почетокот на 1942 работи во Покраинскиот комитет на КПЈ во Скопје, по што дејствува како партиски инструктор во Струмица, Битола, Охрид и Велес. Во 1943 година Вера Ацева станува комесар на Шарскиот партизански одред, а при формирањето на Првата македонско-косовска бригада на 11 ноември 1943 година, таа е назначена на позицијата заменик-политички комесар сѐ до јануари 1944 година, кога ја добива функцијата политички секретар на Третиот и на Четвртиот областен комитет на КПМ. На 2 август истата година Вера Ацева е делегат на Првото заседание на АСНОМ, каде што е избрана за член на Президиумот.

Вера Ацева несомнено е една од политички најистакнатите личности во периодот 1941 – 1945, но и по завршувањето на војната нејзиното учество на политичката сцена не запира. Во периодот 1946 – 1948 година таа е избрана за претседателка на Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) во Македонија. Таа е прва и единствена градоначалничка на Град Скопје, која била на позиција во 1948 година. На Петтиот конгрес на КПЈ во јули 1948 година е избрана во Централниот комитет на КПЈ. Во март 1949 година е избрана како министерка за земјоделство. Од 1951 година е избрана за министерка-претседателка на Советот за народно здравје и социјални грижи. Потоа била членка на Сојузниот извршен совет. Била пратеничка во повеќе свикувања на Собранието на НРМ и на СФРЈ. На 29 ноември 1953 година е прогласена за Народен херој на Југославија и е носителка на Партизанска споменица 1941 година.

Вера Ацева добро ги познавала потребите од соодветна социјална политика за унапредување на позицијата на жените во општеството. Во неформален разговор со Ружица Јосифовска (1938), пензионирана наставничка по ликовно образование во средно училиште во Кавадарци, дојдовме до информација дека преку влијание кај локалните политичари на позиција, Вера Ацева дејствувала за отворање детски градинки во градовите, во периодот во 60-тите и 70-тите години кога жените започнале да се вработуваат сѐ помасовно.

Во 60-тите години Ацева се судира со некои од најистакнатите политичари во тоа време, поради што е испратена на работа во Белград. По ова таа е разрешена од политичката функција, но сепак продолжува да работи како пратеничка во Собранието на Македонија и во Сојузното собрание на Југославија. Во 1991 година ја објавува својата книга „Писмо до Светозар Вукмановиќ-Темпо“, каде што го објаснува своето гледиште за политичките настани додека била на функција. Не била мажена и живеела во сопствена куќа во Скопје. По неколкугодишно боледување од Алцхајмерова болест, починала во Скопје во 2006 година, во 87-та година од животот. Во 2010 година, претставници од Сојузот на борци од Прилеп поднеле барање до Советот на Општината за поставување четири нови бисти во Могилата на непобедените, меѓу кои и биста на Вера Ацева. Оваа барање сѐ уште не е исполнето и по неговото поднесување во 2010. Во март 2021, со одлука за определување и промена на имиња на улици, мостови и плoштади на подрачјето на Град Скопје, во чест на Вера Ацева се именуваше мостот по којшто минува една од главните сообраќајници во градот.

 

Избран цитат: За ентузијазмот на жената, Вера Ацева вели: „Организиравме работни акции. Имаше иницијатива од АФЖ за изградба на резервоар за вода во Скопје. Копавме заедно огромен број жени. Никому не му паѓаше на памет дали некоја жена е бремена и дали дома има дете за доење. Никој со сила не ги тераше, туку доброволно учествуваа, натпреварувајќи се меѓу себе која повеќе кубици земја ќе исфрли.“ 

 

Извори: 

 

Извор на фотографија

https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%9F%D0%BE%D0%B4%D0%B0%D1%82%D0%BE%D1%82%D0%B5%D0%BA%D0%B0:Vera_Aceva.jpg#filehistory 

 

http://www.oldprilep.com/vera-aceva/

 

https://www.spomenikdatabase.org/prilep 

 

https://marh.mk/%D0%BC%D0%BE%D0%B3%D0%B8%D0%BB%D0%B0-%D0%BD%D0%B0-%D0%BD%D0%B5%D0%BF%D0%BE%D0%B1%D0%B5%D0%B4%D0%B5%D0%BD%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%B1%D0%BE%D0%B3%D0%B4%D0%B0%D0%BD%D0%BE%D0%B2%D0%B8%D1%9C/ 

 

Талеска, Моника. „Нови бисти на народните херои?“. Радио Слободна Европа, 30 ноември 2010 https://www.slobodnaevropa.mk/a/2235134.html 

 

Вера Ацева Декември 1984: Интервју со Вера Ацева по повод 40 години од формирањето на АФЖ, „Просветена жена“

 

Градоначалници на Град Скопје https://skopje.gov.mk/mk/skopje/gradonacalnik/prethodni/ 

 

Василески, Зоран. 2017. „Вера Ацева за градоначалник на Град Скопје“. Гласник, 12 октомври 2017 http://glasnik.mk/vera-aceva-za-gradonacalnik-na-grad-skopje/ 

 

Белчески, Рубин. 2016. „Хероина со ген“. Писма. 10 години од смртта на народниот херој Вера Ацева - Доста (Оревоец 1919 - Скопје, 2006 г.) 26 ноември 2016 http://www.zenitprilep.com.mk/arhiva/10584-heroina-so-gen-.html 

 

http://www.zenitprilep.com.mk/arhiva/9699-prilep-da-postavi-ushte-pet-bisti-vo-alejata-na-narodnite-heroi-.html 

 

Станковиќ, Далибор. 2019. „Жените ја создаваа македонската држава“. Нова Македонија https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/%D0%B6%D0%B5%D0%BD%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D1%98%D0%B0-%D1%81%D0%BE%D0%B7%D0%B4%D0%B0%D0%B2%D0%B0%D0%B0-%D0%BC%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D1%81%D0%BA%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%B4%D1%80%D0%B6%D0%B0/ 

 

Енциклопедија Македоника, Скопје, 2009, книга I, стр 105 ;

Службен весник на федералната единица Македонија во Демократска и Федеративна Југославија, 1/1945, стр 47-48 ;

 

Службен весник на Народна Република Македонија, 8/48, стр 1 ;

Крсте Црвенковски, Мирче Томовски „Заробена вистина“, „Култура“, Скопје, 2003, стр 149-151