Атина Бојаџи

Атина Бојаџи
Атина Бојаџи

Атина Бојаџи е македонска пливачка маратонка која го препливала Англискиот Канал во 1969 година и станала првата жена во Југославија која успеала во предизвикот. Била нарекувана „охридскиот делфин“, според родниот град, во кој се родила на 13 март 1944 година.

Бојаџи освоила неколку државни и интернационални натпревари на долги патеки. Нејзините успеси биле инспирација за филмот „Исправи се, Делфина“ (1977, Александар Ѓурчинов), со актерката Неда Арнериќ во главна улога. Во описите на нејзините роднини, пријатели и колеги за нејзиното детство, запаметена е како темпераментно и љубопитно девојче, растрчано на улиците во стариот дел на Охрид, каде што живеела на неколку чекори до Охридското Езеро. Започнала да тренира пливање на единаесетгодишна возраст, кога и започнала да ги урива сите македонски пливачки рекорди во категоријата делфин на кратки патеки.

На осумнаесетгодишна возраст го освоила првиот Охридски пливачки маратон. Во 1962 година станала најмладиот светски победник во пливање во слатки води. Ѝ бил доделен Орденот на храброста од страна на претседателот на Либан за пливање на 42 км долгиот маратон во Бејрут во 1962 година, којшто се сметал за еден од најтешките во светот. Пливањето преку Англискиот Канал (50 км за 13 ч. и 20 мин.), на 9 септември 1969, го обележува врвот на нејзината кариера. Подоцна работела како тренер во Белград и во Лос Анџелес (САД). Пензионерските денови ги поминала во Скопје, каде што починала на 28 декември 2010 година. Вредни предмети од професионалниот и од личниот живот на Атина Бојаџи се предадени од страна на нејзиното семејство на Музејот на Македонија.


Атина Бојаџи е заштитен лик и инспирација за жените во спортот во Македонија. Во бројните интервјуа за медиумите, често истакнувала како самата се бодрела за време на својата мисија на Ла Манш:

„Атина, ти можеш и мораш да издржиш!“

Фотографија од локацијата, извор: МК News https://mkd-news.com/kako-izgledal-ohrid-porano-foto/

Родната куќа на Атина Бојаџи

Родната куќа на Атина Бојаџи денес се наоѓа во предворјето на црквата „Св. Софија“, во маалото Сараиште во Охрид, и претставува приватен имот. Може да се пристигне пешки/со велосипед од центарот на Охрид или со автомобил преку бул. „Димитар Влахов“. Пристапно за лица со попреченост.